Проект за факсимилна обнова на објектот од староградската охридска архитектура познат како Куќата на Ајри Доко, лоциран на улицата „Цар Самуил“ во Охрид реализира Министерството за култура во соработка со Заводот за заштита на спомениците и музеј – Охрид, а во рамки на програмата за заштита на културното наследство.
Досега, соопшти Министерството за култура, се завршени градежните активности на надворешноста, а во тек е ентериерното уредување на овој објект кој е типичен пример на архитектура од 19 век, што е предвидено да заврши до крајот на август.
„Во изминатите години беше извршена факсимилна обнова на ова евидентирано споменично добро и репрезентативен објект кој во минатото, поради сериозните оштетувања на темелите, беше урнат и потоа беа ставени темелите нановиот објект и беше бетонирана првата плоча. Градежните работи продолжија со што беа оформени приземјето и катот од објектот, беше поставена дрвена покривна конструкција, а се санираше и фасадата“, стои во соопштението.