Вевчанец заработи кривична пријава поради узурпација на недвижности и бесправно градење

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“ полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Р.П.(57) од Вевчани.

Пријавениот, на катарстарската парцела број 840/2 , 837 и 836 КО Вевчани, започнал да гради куќа што согласно извршен увид од градежен инспектор, покрај на приватно земјиште, се изведувала и на јавен пат односно државно земјиште сопственост на Република Македонија.

Овластениот градежниот инспектор при општина Вевчани во мај годинава, затекнал објект во фаза на изведени ископани темели, истите армирани и бетонирани по што било изготвено решение за прекин на градбата.

Во текот на јуни, градежната инспекција повторно извршила увид и констатирала изградена бетонска армирана плоча, арматурно бетонски столбови и греди и зидови од керамички блокови изградени на приземје.

За извршениот увид и констатираните состојби на лице место градежниот инспектор оформил решение за остранување на градба и дополнително издал заклучок со кој од инвеститорот бара објектот-градбата да ја острани и да ја доведе во првобитната состојба. Истиот ден во врска со констатацијата дека дел од објектот се гради и врз јавен пат земјиште сопственост на Република Македонија, инспекторот издал решение со кое се задолжува инвеститотор да го стави во првобитна состојба јавниот пат кој е узурпиран со градбата. Врз основа на решението донесе е и заклучок за дозвола за извршување на решението во врска со јавниот пат.