Доделени матурските дипломи на охридските гимназијалци

Синоќа во дворот од СОУ „Свети Климент Охридски“, пред родителите, блиските и професорите, свечено им беа доделени матурските дипломи на учениците од генерацијата 2014/2015 година.

„Секое доаѓање во ова училиште во мене буди пријатни емоции и кога за миг би можел да бидам во вашите редови и дел од вас, тогаш повторно и без размислување би го направил. Се разбира дека не можам. Но, она што можам да ве уверам е дека вие сте најголемата причина поради која јас станав градоначалник, бидејќи сакав град со еднакви можности за сите. Она што го посакувам за моето дете, го посакувам за сите вас и сите деца во градот Охрид. Сакав секое дете да има подеднаква можност да посетува факултет и високо образование без разлика дали неговите родители се богати или не“, – истакна во своето емотивно обраќање градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Директорот на ОСУ „Свети Климент Охридски“, Звонко Трпески на матурантите им порача „да ги реализираат своите сништа и да се стремат кон најголемата титула – да се биде и остане ЧОВЕК“.

Матурантите пред присутните приредија креативна видео презентација на сите класови од генерацијата 2014/2015 година.