Програмата на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на класична музика. Во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапат македонските уметници, виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа и пијанистката Маја Кастратовиќ.
Сихана Бадивуку-Хоџа своите студии ги започнува на возраст од само 16 години на Државниот конзерваториум во Киев, а една година подоцна заминува на Државниот конзерваториум во Москва, каде што ги завршува своите додипломски и постдипломски студии по виолина. Веднаш потоа започнува да работи како професор по виолина на Факултетот за уметности во Приштина, а подоцна и како концерт-мајстор на Косовската филхармонија. Во текот на својата кариера, Сихана Бадивуку-Хоџа настапувала низ голем број земји во светот. Соработувала со голем број значајни оркестри и уметници, а како камерен изведувач често настапува со камерни ансамбли во кои членуваат истакнати музичари. Добитник е на повеќе награди на неколку меѓународни натпревари. Моментално работи како професор на Државниот тетовски универзитет. Маја Кастратовиќ дипломирала на престижниот московски конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, а постдипломските студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Борис Романов. Кастратовиќ е постојано активна, остварувајќи многубројни солистички концерти низ светот, како и настапи со камерни ансамбли и оркестри. Чест гостин е на повеќе значајни музички фестивали во Шпанија, во Италија, во Белгија, во Албанија и во други европски земји. Од 2001 година, Кастратовиќ живее и работи како корепетитор и како професор по пијано во Словенија. Сихана Бадивуку-Хоџа и Маја Кастратовиќ имаат активна соработка повеќе од 20 години.