Скопјани во Охрид се обиделе да нападнат полициски службеници

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“, СВР Охрид против Р.А.(22) и Е.К.(19) двајцата од Скопје, поднесе кривична пријава.

Пријавените, казненото дело го извршиле на деветти овој месец околу 17 часот и 30 минути на булеварот „Туристичка“ во Охрид. Настанот се случил во момент кога полициски службеници вршејќи контролата на сообраќајот прописно сопреле патничко моторно возило марка „Форд Ескорт“ со скопски регистарски таблици и од возачот Р.А. побарале возачки документи.

Во следниот момент, двајцата пријавени вербално и агресивно реагирале и од полициските службеници на висок тон побарале да не им се доближуваат, по што им упатиле закани за убиство.

Револтиран што полицискиот службеник продолжил со службените активности, пријавениот Р.А. се обидел физички да го нападне кинејќи му делови од униформата. При обид да влезе во неговото патничко возило, со нога го повредил другиот полициски службеник.

Нападот врз полициските службеници во кој се вклучил и второпријавениот Е.К.- сопатник во возилото, бил одбиен, а двајцата, по консултација со јавен обвинител се приведени во СВР Охрид.