Атанас Николовски, дел од елитната талент ИД програма на ИЦФ

Познато е дека Агенцијата за млади и спорт од оваа година го спроведува проектот „Стручна специјализација на македонски тренери во странство“ при што на обука во светски спортски центри од соодветниот спорт веќе се испратени двајцата ракометни тренери Данило Брестовац и Влатко Неделковски, а до крајот на годината се очекува дел од проектот да бидат уште неколку македонски тренери од останати спортови.

Македонски тренери вршат обуки во познати светски спортски центри во одредени спортови, како што е случајот со нашиот најуспешен кајакар Атанас Николовски.

Имено, Светската кајакарска федерација (ИЦФ), во рамки на спроведувањето на Талент ИД Програмата која се одржува во месец август оваа година во Светскиот центар за кајак на диви води на Пиринеите во Пау, Франција, каде се избрани да учествуваат 30 најталентирани кајакари од 15 држави, оваа година се определи еден од главните тренери-обучувачи да биде најуспешниот македонски кајакар Атанас Николовски. Согласно критериумите на оваа светска федерација, несомнено е дека Николовски, во улога на менторски репрезент во овој елитен состав на идентификуваните млади светски таленти, е избран поради неговата кредибилната референтност во светот на овој спорт темелена, пред се, на неговите извонредни човечки капацитети, како и заради неговото огромно искуство во кајакот на диви води и познавањето на технологијата на тренажниот процес, за што валоризација е и самиот избор на Светската кајакарска федерација за негово присуство на овој настан во таква улога. Покрај Николовски, во тренерскиот тим учествуваат уште тројца познати светски тренери од Франција и Бразил.