Игор Киров и Хрватскиот народен театар од Сплит вечерва настапуваат на „Охридско лето“ со балетот „5 до 12“

Балетската претстава „5 до 12 “ ќе биде изведена вечерва на сцената Долни Сарај со почеток во 21 часот, во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Како што појаснува селекторот на музичкиот дел на фестивалот „Охридско лето“, Гордана Јосифова-Неделковска, на фестивалскиот репертоар, покрај богатата програма од музичкиот и театарскиот дел, има и едно исклучително атрактивно балетско дело кое ќе привлече огромен интерес кај фестивалската публика, а тоа, според неа, се гледа и од побарувачката на билети за денешната балетска претстава.

Првиот сплитски професионален балетски ансамбл е основан во 1940 година, од страна на реномираната балерина Ана Роје. Таа, по завршувањето на своето школување во Загреб и во Лондон, се враќа во родниот Сплит, каде што заедно со својот сопруг, исто така познат балетски играч – Оскар Хармош, ја основа првата балетска школа. Оттогаш, Балетот на Сплитскиот народен театар дејствува непрестајно, изведувајќи ги речиси сите познати класични балетски дела. Неговата активна работа продолжува и денес. Во последниве години Балетот на Сплитскиот народен театар премиерно извел голем број значајни дела, меѓу кои „Дон Кихот“, „Жизел“, „Бајадера“, „Ромео и Јулија“, „Лебедово езеро“, „Кармина Бурана“ и многу други.

Покрај настапите на домашната сцена, Балетот на Хрватскиот народен театар во Сплит бележи и многубројни гостувања надвор од земјата. Од 2012 година, директор на Балетот на ХНТ во Сплит е Динко Богданиќ – кореограф и балетски играч со светско реноме. Добитник е на голем број награди, ордени и признанија за своите достигнувања на полето на балетот во Хрватска, но и надвор од неа.