„Кирил и Методиј, Who are you“ – Носталгија по единството базирана на хуманистички идеи

Привилегија е да се работат текстовите на Плевнеш, секогаш даваат една сосема нова димензија во македонската драматургија и со нетрпение ги очекуваме неговите зборови, изјави селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски на денешната прес-конфернција, најавувајќи ја театарската претстава што ќе биде одиграна утревечер на фестивалската сцена во Охрид. Станува збор за претставата „Кирил и Методиј, who are you“ на текст од Јордан Плевнеш, а во режија на Мартин Кочовски.

„Се работи за голема копродукција на „Охридско лето“, за различни фестивали и театарски продукции коишто ќе го поддржат овој проект за кој се предвидува големо интернационално патешествие. Учествуваат театарски екипи од Македонија, Полска, Бугарија и Грција“, најави Јолевски, кој е дел од актерската екипа на оваа претстава и според кого публиката нема да види класична изведба на животописот на Свети Кирил и Методиј. Директорот на Националниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп Стојан Дамчевски појасни дека овој проект којшто утревечер ќе биде изведен на сцената на Долни Сарај е резултат на една копродукција во која носител е Народниот театар „Војдан Чернодрински од Прилеп заедно со НЕТА-Новата европска театарска акција, театарот „Сфумато“ од Бугарија и фестивалот „Охридско лето“.

Според него, соработката на Прилепскиот театар со „Охридско лето“ почнува токму пред 25 години, на сцената Долни Сарај со култната претстава за тоа време „Спиро Црн“.

„Оттогаш имавме чест многупати да бидеме почестени на „Охридско лето“ со наше присуство. Се надевам дека публиката се сеќава на многу наши пртестави кои сме ги одигрувале премиерно овде.Честа беше голема и што го затворивме 50-тото јубилејно издание на фестивалот со претставата „Кавказки круг со креда“ исто така во режија на Мартин Кочовски“, рече Дамчевски. Јордан Плевнеш вели дека текстот за претставата започнал да го пишува пред 20 години во Њујорк.

„Тогаш на универзитетот Јејл имав предавање посветено на еден од најголемте автори на модерната македонска култура, бесмртниот Живко Чинго. Ноќта пред тоа предавање ги сонував Кирил и Методиј како излегуваат на Петтата Авенија во средновековни одежди. Од тој сон произлезе една пиеса која го третира светот како едно семејство“, истакна Плевнеш нагласувајќи дека оваа пиеса ја посветува токму на бесмртниот Живко Чинго.

Режисерот Мартин Кочовски кој во 2008 година ја доби наградата за млад режисер на МЕС и којшто во регионот ги претставува македонската култура и македонскиот театар во најдобро светло, и овојпат направи една исклучително силна претстава која ги руши сите можни табуа и носи новитет во театарската естетика.

„Оваа екипа е збогатена со врвни актери од Грција, Бугарија и Македонија станува една чудна хемија и интересно друштво кое споделува една голема идеја. Таа идеја ја почувствував уште првиот пат кога го прочитав првото нешто што го имаше напишано авторот и сфатив дека не се работи за текст кој би правел некаква ревизија на историските факти за Кирил и Методиј, туку дека станува збор за една потрага по ехото на нивните идеи и нивната мисија. Така почна целата оваа одисеја. Носталгија по единството е базирана на хуманистички идеи, а не на политички. Целата претстава може да се сублимира во една реченица, како што тврди и авторот – дека од овде до Владивосток може да се стигне и само со „добар ден“, раскажува Кочовски.

Елена Иванова од Бугарија е еден од врвните европски костимографи која ги поставува темелите на современиот пристап, посебно во класиката.

„Многу ми е пријатно што работам со млади луѓе кои се многу талентирани и со професионалниот Прилепски театар. Со сите нив и со режисерот Мартин направивме една интелектуална акција, нешто ново од кое јас сум задоволна. Костимите се нови, современи и се еден вид рециклажа на оние од 50-тите години“, вели Иванова.

Музиката за претставата ја направи Горан Трајковски врз основа на византиските звуци и тонови.Има направено најмалку сто авторски музики за театарски претстави.

„Јас секогаш сум покажувал интерес кон тие простори на тоа музичко постоење, музичко живеење, да речам, мечтаење. Музиката му наредува на човек да замолкне и да слуша. Токму во тој стил, заради таа максима, и јас замолкнувам и оставам публиката да ужива, вели Трајковски. Сценографот Јани Костадиновски е врзан со театарската уметност но е и уметник, скулптор, сликар и режисер. Овој пат тој прави еден вид Рубикова коцка преку која актерите се обидуваат да го најдат својот простор во космосот.

„Читајќи го делото на Јордан Плевнеш за Светите Кирил и Методиј, сфатив дека тие како мисионери исполниле една идеја. Секој од нас исполнува по една приватна, индивидуална мисија. Оттука произлезе идејата како можат тие светови кои можат да бидат во хармонија со еден глобален свет да се прикажат во еден сценографски проект“, вели Костадиновски.

Театарската претстава „Кирил и Методиј, Who are you?!“ та „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот, а светската премиера ќе ја има на 2 септември во Букурешт. 

kiril_i_metodij4