Во рамки на фестивалот „Охридско лето“ денеска во 20 часот во изложбениот салон при Центар за култура „Григор Прличев” во Охрид, публиката ќе има можност да ја погледне изложбата на дизајнерски парчиња на мебел на младиот дизајнер Кирче Стојоски од Охрид.
Изложбата носи наслов: „Дизајнерска игра со традицијата” со цел да претстави продукт дизајн и дизајн на мебел кој едновремено ќе биде традиционален и иновативен благодарејќи на користењето на традиционалните техники ( занаети) или форми инспирирани од традицијата со идентификација на македонската култура во современ контекст. Креирањето на вакви продукти можеби повторно ќе го поттикне изучувањето на традиционалните занаети кои се во изумирање, а ја докажале својата вредност низ времето. Што може да биде поспецифично од уникатен дизајнерски предмет специјално дизајниран за корисникот преку непосредна употреба на занаетчиските техники од кои ќе произлезе современ продукт со уметнички вредности кој би го зазел своето место во светот на дизајнот каде што доминираат производи масовно произведени на индустриски начин. Сегашноста и минатото се ставени во дијалог меѓу себе што резултира со изненадувачка приказна и уникатен дизајн, продукти со душа и со приказни кои пренесуваат и предизвикуваат љубов и внимание. Ова е обид на дизајнот преку игра со минатото и со користење на традицијата со ново значење во формата и функцијата, повторно да ги истакнеме нашите културни вредности од минатото, но и од сегашноста.
Стојоски Кирче дипломирал на Факултетот за арт и дизајн, отсек дизајн на ентериери. Досега има реализирано три самостојни изложби и има учествувано на повеќе групни изложби и работилници како Охридско Лето 2012 и 2014 година, Skopje Design Week, Sofia Design Week, Dan D во Хрватска, Mikser во Србија и др.