Уметникот Крунислав Стојановски ќе ги изложи своите „Циклуси“ пред охриѓани

„Циклуси“ e насловот на изложбата од Крунислав Стојановски што ќе биде отворена вечерва во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Делата на Стојановски ќе бидат изложени во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 19 часот.

Оваа ликовна поставка технички се однесува на седумте сликарски циклуси кои уметникот ги слика во текот на последните дваесет години.

Асоцијативно, насловот се поврзува со животот на секој поединец, а не само на уметникот. Животот сам, за секого од нас, носи циклуси кои можат да бидат прекинати, продолжени, распарани, ритмични, кратки, долги… впрочем секакви, а можат да зависат од моментот, од опкружувањето, од личните искуства, од искуствата на групата или на поднебјето, од временската вистина на која ѝ припаѓаме. Кога животот се преточува во и низ уметноста, тогаш таа уметност станува лакмус на животот, или метафизички ЕКГ мерач на времето во кое живееме, на нашите душевни доживувања кои ги евидентира и ги презентира на јазик кој е читлив со срцето и на ментално ниво, а многу помалку рационално и свесно.

Крунислав Стојановски е роден на 14.5.1969 година во Скопје. Дипломирал во 1998 сликарство на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Во 1997 запишува студии во Државна уметничка школа во класата на д-р Агнес Денес, на Летната академија во Салцбург, Австрија.

Од 1998 година професионално работи и се усовршува во „Капели“ (Kaapeli), во Хелсинки, Финска. Член е на Хрватското друштво на ликовни уметници од 1997 година.

Во периодот од 1990 до 2001 работи како новинар во областа на културата и се занимава со реставраторство на ѕидни слики.

Од 1995 година до денеска иницира и организира различни уметнички проекти од меѓународен карактер. Се занимава со сликарство, со амбиентални инсталации, со фотографија, со видео, со пишување.

Чести теми во уметничките дела се оние кои имаат социјална хуманистичка, еколошка и политичка конотација со посебен акцент на поединецот и на неговите улоги, можности и значењето во општеството.

Стојановски живее и работи во Загреб.