Извонредниот Венгеров вечерва ќе настапи на „Охридско лето“

Светски познатиот Максим Венгеров вечерва ќе одржи концерт на „Охридско лето“. Препознаен како еден од најдинамичните изведувачи во светот, добитникот на Греми наградата, виолинистот Максим Венгеров настапувал на распродадени концерти заедно со најпрестижните оркестри и диригенти во светот, а исто така одржувал и соло рецитали во секој голем град низ светот. Роден во 1974, ја започнал својата кариера како соло виолинист на пет годишна возраст, победил на меѓународните натпревари „Виењавски“ и „Карл Флеш“ на 10 и на 15 годишна возраст, студирал со Галина Турчанинова и Захар Брон, го остварил својот прв запис на 10 години и продолжил да снима за еминентни музички куќи како Melodia, Teldec и EMI, освојувајќи ги меѓу другите Греми наградата и Грамофон наградата за артист на годината.

Во 2007 продолжил по стапките на својот ментор Мстислав Ростопович и се посветил на диригирањето и оттогаш диригира со позначајните оркестри низ светот. Во 2010 година беше назначен за диригент на Гштад Фестивалскиот Оркестар, а во јуни 2014 специјализирал на Московскиот Институт Иполитов-Иванов во класата на професорот Јури Симонов. Комбинирајќи ги двете пасии- изведување и диригирање, господин Венгеров влегува како постојан артист во Оксфордскиот оркестар со кој ја снимил верзијата од 1903 на Виолинскиот концерт на Сибелиус, Виолинскиот концерт на Брамс и Шкотска Симфонија на Менделсон. Неговите најголеми достигнувања од сезоната 2014/2015 ги вклучуваат: Отворањето на концертната сезона на Шангајскиот симфониски оркестар со Лонг Ју, Парискиот Оркестар со Паво Јарви и отворањето на најновата Шангајска симфониска сала заедно со г. Ју и Ланг Ланг. Во јануари, Венгеров настапи на три концерти со Њујоршката Филхармонија , а во март заминува на турнеја низ Европа и го снима Концертот на Чајковски со Филхармонискиот оркестар на Радио Франција и Мун Вунг Чун. Во мај се враќа во Јапонија за третото издание на Фестивалот Венгеров.

Венгеров е првиот уметник во класичната музика кој е назначен за Интернационален амбасадор на добрата волја од страна на УНИЦЕФ. Свири на Страдивари виолина која му припаѓала на Кројцер (1727). Кариерата на Ваг Папиан започнува во 1979 година, кога победува на Интернационалниот натпревар „Виана да Мота“ во Лисабон. По ова, тој започнува да настапува на сите поголеми сцени во Русија, но и надвор од неа. Во 1982 бил примен на државниот Конзерваториум во Санкт Петербург, отсек диригирање, и од тој момент соработува со голем број реномирани оркестри вклучувајќи го и Израелскиот симфониски оркестар, Московскиот симфониски оркестар, Англискиот Камерен Оркестар и многу други. Во моментов е диригент во Националниот Опера Театар во Ерменија и е професор на Музичката Академија во Тел Авив. Соработката со Максим Венгеров, го носи во некои од најзначајните сцени во Европа, во Америка и на Далечниот Исток.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.