Непосредна заштита на црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран

Црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран претставува значајно културно наследство од XIX век …

Со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, четврта година по ред се реализира непосредната заштита на црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран, која претставува значајно културно наследство од XIX век. Во првата фаза беше направена конзервација на оригинално зачуваните делови од подната покривка на црквата и реставрација на партиите што недостигаат, по што целосно е оформен подот на црквата. На овие конзерваторско-реставраторски активности претходеше археолошко истражување на просторот под подното ниво, со што беа откриени постари сакрални градежни структури. Втората фаза беше реализирана во 2013 година и подразбираше конзервација и реставрација на источната фасада од црквата, додека во 2014 година се одвиваа реставраторско-санаторските работи на внатрешните ѕидови од од објектот, оформувањето на отворите за прозорци и врати, како и финални работи на подот и скалишниот простор од нартексот.За 2015 година е планирано малтерисување на внатрешноста на црквата. За таа цел, во завршна фаза е тендерската постапка и по изборот на најповолен изведувач, ќе почне реализацијата на предвидените активности.Финализацијата на проектот, кој се однесува на непосредната заштита на црквата „Св. Илија“, ќе биде во 2016 година, во спомен на стогодишнината од бомбардирањето на објектот во Првата светска војна кога претрпе сериозни оштетувања и беше ставен надвор од употреба. Неславниот јубилеј ќе биде обележан со преосветување на храмот и негово ставање во активна црковна служба.

02A_dojran