Вечерва свечено се затвора фестивалот „Охридско лето“

Годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе биде затворено со театарската претстава „Figurae veneris historiae“ на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски, продукција на Словенечкиот национален драма театар од Љубљана. 

Figurae veneris historiae“ може да се нарече „Љубов во време на војна“, бидејќи како и насилството така и љубовта има повеќе лица. И иако војната ја претвора еротиката во порнографија, нагонот за преживување не води само кон злоупотреба, убивање на непријателите туку исто и кон барање допир, блискост и топлина. Човекот е распнат меѓу обете, а посебно кога е безмилосно фрлен помеѓу политиката и историјата како што е тоа чест случај во драмите на Стефановски. Тука често на кутриот човек се гледа од дистанца на црн хумор со којашто полесно е да се пренесе сарказмот на светот и човековата апсурдност во него. Војната е машинерија, а нејзино гориво се луѓето, нивните изгубени души. Војната е колективна судбина којашто не му носи добро никому, а поединецот во неа е немоќен, а сепак во неговата „одлука за љубов“ тлеат потенцијалните можности за мир. Можеби навистина не е далеку моментот кога ќе си ги облечеме нашите воени униформи и ќе се упатиме на боиштето. Но, сепак не треба да се плашиме, бидејќи како што е кажано во претставата: „Не е вистина дека музите за време на војната молчат – тие се само поспани“. Александар Поповски e македонски театарски и филмски режисер роден во 1969 година во Скопје. Дипломирал театарска и филмска режија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Р. Македонија. Поповски е еден од најоригиналните македонски режисери, а во Европа го сметаат за нова театарска ѕвезда поради креативниот и забавен пристап, а истовремено и многу сериозниот пристап кон театарот, со кој ги освојува публиката и критиката ширум Европа. Поповски денеска не само што е ценет во Македонија туку за него може да се каже дека е и меѓународно признат режисер и добитник на многу награди.

Претставата „Figurae veneris historiae“ ќе се игра вечерва  на сцената на Долни Сарај, со почеток од 21 часот.