Министерот за економија Беким Незири, кој заедно со владината делегација учествува на дводневната конференција за Западен Балкан што се одржува во Виена, учествуваше на тркалезната маса за економскиот просперитет и инфраструктурното поврзување.
На сесијата која е продолжение на Берлинскиот процес што минатата година го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел, министерот Незири ги претстави актуелните енергетски проекти што обезбедуваат безбедно и квалитетно снабдување со сите видови енергија, како и активностите за поврзување на Македонија со електроенергетските системи на соседните држави со цел формирање на функционален регионален пазар на електрична енергија.
„Како пример за успешна регионална соработка би сакал да ја истакнам реализацијата на интерконективниот 400 кВ далекувод кон Србија, Штип-Ниш, чија вкупна инвестиција изнесува 14 милиони евра, од кои 11 милиони евра се обезбедени од Светска Банка со државни гаранции. Меѓу приоритетните е проектот 400 кВ интерконективен далекувод Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), а во фаза на анализа е 400 кВ интерконективен далекувод Македонија (Скопје) – Косово (Косово Ц), на местото на постојниот нефункционален 220 кВ далекувод од Скопје до Косово А“, рече Незири.
Тој истакна дека Македонија е отворена за соработка со земјите од регионот и пошироко во однос на сите понудени решенија за изградба на гасоводни интерконекции и обезбедување на природен гас. – Во таа насока, успешно се вклучивме со два наши проекти во иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоистична Европа, која има за цел поголема диверзификација на снабдувањето со природен гас и сигурност во снабдувањето во регионот, по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, преку заедничко ангажирање на сите земји членки на ЕУ и на договорните страни на Енергетската заедница, рече Незири.
На тркалезната маса беше истакната досегашната успешна соработка меѓу земјите од Западен Балкан, со акцент на заедничките интереси во идни проекти кои покрај енергетската, ќе ја опфатат и транспортната инфраструктура. Земјите од Западен Балкан изразија потреба од продлабочување на досегашната соработка и од побрза реализација на проектите од регионален интерес.
Државниот секретар на Министерството за економија на Германија, Уве Бекенмаер ја истакна важноста од пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, како и потребата од воведување на методологија за нивна приоритетизација. За таа цел, земјите од западен Балкан се договорија на следниот самит да настапат со конкретни проекти според приоритетите, нивна детална презентација и алокација на средства за нивно финансирање.
Дводневната конференција за Западен Балкан се одржува под покровителство на австрискиот сојузен вицеканцелар и министер за наука, истражување и економија Рајнхолд Митерленер.
На тркалезната маса учествуваа министрите за економија од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово, а дел од Самитот беа и потпретседателот на Европската комисија Федерика Могерини, претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти, претседателот на Европската банка за инвестиции Вернер Хојер, потпретседателот на Светската банка Лора Тук.
По завршувањето на Самитот и на тркалезната маса беше одржана и свечена церемонија со која се одбележа 10-годишнината од потпишувањето на Договорот за енергетска заедница.