Претседателот Иванов со честитка за големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.

„Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

На овој голем христијански празник го прославуваме небесното вознесение на Мајката Божја. Празнувајќи ги животот, љубовта и посветеноста на Мајката кон своето чедо, ги славиме христијанските начела и вредности за праведност, прошка, хуманост и добрина. Нејзиниот живот, нејзината големина и посветеност кон верата нека се наша водилка кон почитување на мајката која дарува живот, љубов и трпеливост. Таа нé учи да ги почитуваме своите блиски, да споделиме љубов и грижа за блиските и да дадеме помош на оние на кои најмногу им е потребна.

Во Република Македонија, Мајката Божја е почитувана и прославувана како заштитничка на сите жени и мајки, закрилник на сите христијани. Нејзиното успение е симбол за големината на неизмерливата вера и верба за човечност, мир и разбирање.

Нека е света, вечна и почитувана Мајка Богородица.“– стои во честитката.