Утре ќе биде соопштен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2015 на СВП

Утре на прес-конференција ќе биде соопштен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2015 година на 54-те Струшките вечери на поезијата.

Наградата се доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик напишана меѓу два фестивали. Во потесен избор се книгите „Киноутро“ на Јовица Ивановски, „Слики“ Гордана Михајлова-Бошнаковска, „Се случува вечноста“ на Радован Павловски“, „Година без лето“ од Вилоета Танчева-Златева и „Премостување на мигот“ на Тодор Чаловски.

Во рамките на фестивалот авторите на петте книги што влегоа во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ вчера го претставија своето творештво, а најдобрата книга ќе биде преведена на англиски јазик.

На програмата на 54. Струшки вечери на поезијата утре портрет ќе има минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“, Вера Чејковска, а ќе се одржи и симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“ со Влада Урошевиќ и Богомил Ѓузел и со Виктор Родригес Нуњес и Зоран Анчевски.

Учесниците на СВП ќе имаат можност да ги разгледаат културните споменици во Охрид, а СВП од оваа година воведоа поетски митинг на Плоштадот во близина на споменикот на „Свети Климент“. Пред охридската и интернационалната публика на поетското читање „Созвучја“ дел од творештвото ќе презентираат поетите Висар Жити од Албанија, Филип Хамил – Австралија, Иван Христов – Бугарија…

Во црквата „Света Софија“ поетски портрет ќе има годинешниот лауреат на „Златниот венец“ кинескиот поет „Беи Дао и настап на харфистката Мерсиха Шукри.

На истекот на реката Црн Дрим во Струга ќе се одржат традиционалните „Ноќи без интерпункција“.