„Охридско лето“ дел од четирите најзначајни регионални летни фестивали

Деновиве во црквата Св.Дух во Котор, Црна Гора, на иницијатива на меѓународниот фестивал КоторАрт беше потпишана Которската иницијатива, Меморандум за соработка на четирите најзначајни регионални летни фестивали: Меѓународниот фестивал КоторАрт (Црна Гора), Дубровнички летни игри (Хрватска), Фестивалот Љубљана (Словенија) и Охридско лето (Македонија).

Спогодбата ја потпишаа Ратимир Мартиновиќ (директор на которАрт Дон Бранкови денови на музика и координатор на сите програми на КоторАрт), Младен Тарбук (интендант на Дубровничките летни игри), Дарко Брлек (директор на фестивалот Љубљана и претседател на Европската асоцијација на фестивали) и Елизабета Јанкуловска (директорка на Охридско лето).

Целта на потпишувањето на меморандумот Которска иницијатива е остварување на подобар дијалог и интензивирање на соработката помеѓу фестивалите , како и отворање простор за реализација на заеднички проекти и програми, размена на проекти, програми и искуства, како и зајакнување на културната соработка помеѓу земјите потписнички.

На потпишувањето на спогодбата присуствуваа и министерот за култура на Република Црна Гора Павле Горановиќ, министерот за култура на Република Хрватска Берислав Шипуш и секретарот на Директоратот за творештво при Министерството за култура на Република Словенија др. Матјаж Шекорања, кој со своето присуство даде силна поддршка на поврзувањето на репрезентативните фестивали, и плодна регионална размена и соработка во областа на културата.

Хрватскиот министер Шипуш потенцира дека ваквиот чекор е од особено значење за Црна Гора и Македонија како држави кои се приближуваат кон Европската Унија со оглед на тоа што Хрватска и Словенија се веќе дел од ова семејство. По потпишувањето на Которската иницијатива, директорите, министрите и претставниците на четирите држави присуствуваа на концертот на Хрватскиот барокен ансамбл и Симфонискиот оркестар на Хрватската радиотелевизија на плоштадот Св.Влах на свеченото затворање на 66. Дубровнички летни игри. 

„Секој од овие уметнички фестивали потсетува на она што е веќе Европа. Европа е култура – културата е Европа. Сите овие фестивали , сите наши земји кои вечерва се тука сведочат на фактот дека културата е дел од нас, на секоја нација но и дел од Европа како и дека Европа сама по себе е култура. Европа треба да ја покаже својата култура и во најтешките ситуации па и во овие сега политички кризни,“ рече Шипуш.

И црногорскиот министер го истакна значењето на потпишувањето на Которската иницијатива. Според него оваа иницијатива се гледа и како можност да се презентира црногорската културна понуда во соседните земји.

„Посебно ме радува што оваа иницијатива потекнува од Котор, град кој симболизира соживот и дијалог. Очекуваме од сите потписници на Которската иницијатива во иднина да работат на зајакнување на соработката и потикнувањето на другите културни субјекти да спроведат една ваква иницијатива“, потенцира Горановиќ.

„За нас овој Меморандум е многу важен затоа што Дубровник се кандидира за Европска престолнина на културата 2020. Многу се важни ваквите конкретни активности за една таква кандидатура, а не само добро спакувани планови , за да му се случи европска култура на Дубровник, )“, рече Младен Тарбук, интендант на Дубровничките летни игри.