Чавков за АНА МПА: Македонија не може сама да се справи со миграцијата

Проблемите се сложени и имаат многу аспекти: едниот е хуманитарен, а другиот се однесува на прашањето за безбедност, изјави министерот за внатрешни работи Митко Чавков во интервју за грчката новинска агенција АНА МПА во врска со проблемите што ги има Македонија со масовниот влез на бегалци и мигранти на наша територија.

Тој истакна дека Македонија има возови кои можат да првезуваат илјада луѓе дневно и компании за превоз чии автобуси можат да пренесат илјада луѓе дневно.

„Тоа значи дека дневно само две илјади мигранти кожат да го продолжат својот пат. Во случај Грција за еден ден да ја напуштат пет илајди мигранти, за три илади ќе нема место,“ изјави Чавков, додавајќи дека ако таквата ситуација се повтори неколку дена по ред постои опасност од сериозна криза.

Тој подвлече дека Македонија не е членка на ЕУ и нема на располагање ресурси и средства од ЕУ.

Чавков информира дека голем број мигранти не успеваат да најдат средства за транспорт со што се зголемува нивниот број во Гевгелија. Во еден момент имало ситуација кога во Гевгелија, град со околу 15.000 жители, имало околу 8.000 мигранти. Дел од жителите на градот се пожалиле дека некои од мигрантите предизвикале штета на нивните имоти, а постојат и проблеми со ограничен медицински персонал кој обезбедува помош за болните и сиромашните мигранти, со што се зголемуваат потенцијалните ризици за пренесување болести.

„Поради овие причини, Владата одлучи да прогласи вонредна состојба во регионот и да се создадат услови за вклучување на сите релевантни институции, вклучувајќи ја и војската, која треба да и помогне на полицијата да ја зајакне контролата на границите. Ние веруваме дека со зајакнување на контролата може да се постигне, бројот на имигранти кои влегуваат во земјата да не ги надмине нашите можности, со што подобро ќе одговориме на нивните потреби,“ рече Чавков додавајќи дека е при крај и пунктот за прием кој ќе помогне за поефикасна регистрација на мигрантите и ќе обезбеди похумани услови.

На новинарско прашање како Европската унија може да и помогне на Македонија да се справи со зголемениот прилив на бегалци, кој според сите проценки, ќе потрае уште некое време и ќе има уште повеќе проблеми, Чавков одговори дека ЕУ може да помогне со финансиски и технички средства и човечки ресурси.

„Но, најголема помош ќе биде ако се подготви конзистентна политика и конечно да се најде решение за проблемот, хумано решение, во согласност со европските стандарди, што ја покажува европската солидарност во пракса, особено за илегалните мигранти и нивната трагична судбина, но исто така и за земјите кои се најмногу изложени на миграционите текови“, истакна македонскиот министер.

Тој подвлече дека е свесен оти овој проблем нема да заврши утре и оти не е ниту локален, ниту регионален проблем.

„Ова е глобален проблем и само врз таа основа може да се реши. Ние како држава сме подготвени и сакаме да бидеме дел од решението“, нагласи Чавков.

Во врска со соработката со грчката полиција за конкретниот проблем, министерот изјави дека по долго време, грчката полиција почна да соработува со македонската, но истакна дека постои простор за понатамошно подобрување во соработката. Тој подвлече дека со сите други полициски сили на соседните земји Макдонија има потпишано голем број договори и меморандуми, има отворени канали за комуникација и заеднички патроли, но оти, за жал, односите со грчката полиција не се на тоа ниво.

„Претходните години, и од страна на претходниот министер за внатрешни работи на нашата земја и од мојата страна, имаше многу напори за подобрување на соработката. Предложивме и соработка на ниво на началници на полицијата на двете земји, но без успех. И покрај тоа што би можеле да имаме соработка во интерес на граѓаните на нашите две земји, никогаш не добивме позитивен одговор“, изјави Чавков и изрази надеж дека сега е вистинското време за да се покаже дека пријателите и соседите, може и треба заемно да се поддржуваат.

Потсетувајќи на македонската иницијатива за средба со министрите за внатрешни работи на Србија, Унгарија и Австрија за решавање на проблемите со зголемената миграција низ „Балканскиот коридор“, која ќе се одржи наредните денови, новинарот го прашува Чавков зошто не е повикана и Грција, „особено со оглед на тоа што постојано се потсетува дека е потребна подобра и поефективна соработка со Грција“.

„Грција е една од клучните алки во синџирот за решавање на проблемот со миграцијата. Една од најкритичните, со оглед на тоа што е првата земја во т.н. „Балкански коридор“ и прва земја од ЕУ во која влегуваат илегалните мигранти. Ова интервју го сметам за еден вид јавен повик до министерот на вашата земја да присуствува на состанокот. За доброто на нашите граѓани и за доброто на илјадници мигранти кои минуваат секојдневно низ нашите земји, ние сме подготвени да ги оставиме зад себе сите наши несогласувања“, изјави македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков во интервју за грчката новинска агенција АНА МПА.