Дванаесет книги од значајни македонски автори од денска се достапни на интеренет-страницата на „Македоника“, една од најголемите дигитални библиотеки во регионот и единствена која е достапна бесплатно. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, по посетата на е-библиотеката по тој повод, изјави дека станува збор за проект од Програмата за поддршка на електронското издаваштво како своевиден тренд во светското издаваштво.
„Особено радува фактот што електронското издаваштво, дигиталната публикација на книги, списанија и друго, е еден светски тренд кој што во Република Македонија навистина застанува на здрави нозе. Министерството за култура континуирано во рамките на конкурсот и на годишната програма гледа да даде поддршка на електронското издаваштво. Оваа година околу три милиони денари беа издвоени за таа намена, а тука влегува и поддршката за фондацијата „Македоника“ при што имаме можност преку нашата поддршка 12 истакнати автори да се најдат во оваа дигитална библикотека. Тука се Славко Јаневски, Ѓорги Абаџиев, Живко Чинго и многу други“ – рече Канческа-Милевска.
Таа потенцираше дека електронското издаваштво е многу важно бидејќи придонесува за подигнување на образованието на целокупната читателска публика, а електронската библиотека на „Македоника“ многу ја користи и дијаспората.
„Ние ќе продолжиме со нашата поддршка во таа насока бидејќи еден од приоритетите е токму електронското издаваштво“- рече министерката за култура.
Зоран Спасов, еден од основачите на „Македоника“ рече дека на нивната интернет-страница по 20 месеци од основањето може да се најдат над 600 бесплатни книги. Досега имаат околу 32 000 регистрирани читатели од кои многу се надвор од Скопје, а уште повеќе, истакна Спасов, се надвор и од Македонија.
„Ова е единствена можност сите граѓани на Македонија кои живеат во дијаспората или се малцинство во соседните земји да дојдат во допир со дела на нивниот мајчин јазик. Целата македонска литература се обидуваме да ја направиме бесмртна и достапна во неограничен тираж почнувајќи од свети Климент па до современите дела. Фондацијата „Македоника“ со својот софтвер и портал е единствен проект во светот за што сме признаени од сите соседни држави и пошироко и со тоа сме лидери не само во Македонија туку и пошироко на Балканот“ – рече Спасов.
Тој најави дека за 10-ина дена ќе излезе новата верзија на апликацијата „Македоника“ што може да се преземе на кој било мобилен уред, таблет, смартфон, со што очекува да влезат меѓу петте најдобри е-библиотеки во светот.
Инаку, министерката Канческа-Милевска потенцираше дека со програмата за поддршка на дигиталното издаваштво се поддржани и голем број списанија и публикации, како што се: е-списанијата „Блесок“, „Вакат“, „Репер“, „Разноликост“, Quest Macedonia, Cooltura, но и проекти во делот на музичката уметност, како: Центарот за музикологија ЦЕМ, Центарот за промоција на култура и туризам од Скопје и други. Таа изрази надеж дека наскоро во електронската библиотека на „Македоника“ ќе може да се најдат голем број дела од капиталните проекти на Министерството за култура: „Ѕвезди на светската книжевност“, „135 тома македонска книжевност“ итн.
Фондацијата „Македоника“ е платформа чија цел е зачувување и негување на македонското литературно творештво и поттикнување на читањето и на пишувањето. На нејзината интернет-страница може да се најдат над сто дела коишто прв пат се излезени во електронски формат, а нудат и избор на лектири за основно и за средно образование.