Повторно топлотен бран во Македонија. Согласно најавата од метео-алармот на Управата за хидро-метеоролошки работи, се очекува денес и утре целата територија на државата да биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза.
Станува збор за температури повисоки од вообичаените за овој период од годината.
Да се почитуваат препораките!
Граѓаните од целата држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури. Министерството за здравство повторно излезе со препораки во однос на најавениот топлотен бран во земјава.
– Престој во затворени (климатизирани) простории, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
– Носење светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа, додека при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
– Внесување помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
– Внесување големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
– Одреден период пред влегување во возило, истото да се проветри.
– Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени).
Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Од Министерството за здравство потсетуваат дека во текот на летниот период, во сите градови низ државата во соработка со здравствените домови се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури.
Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот, информираат од Министерството.
УХМР: Топлото време ќе се задржи до недела
Од УХМР најавуваат дека нашето подрачје и во наредниот период ќе биде под влијание на топла воздушна маса, која ќе предизвика и понатаму доста топло време за месец септември.
Ваквото топло време за овој период од годината ќе се задржи се до недела. Од наредната седмица ќе има промена на времето со поголем пад на температурата, зголемување на облачноста и повремени локални врнежи од дожд, информираат од УХМР.
Извор: Нет Прес