Екипите на „Паркови и зеленило“ при ЈП „Охридски Комуналец“ хортикултурно го уредија новиот плоштад кај Музичкото училиште „Методи Патче“.
Активностите околу уредувањето на зеленилото се реализираа етапно и беа опфатени повеќе зелени катчиња на овој локалитет.
„Се уредија зелените површини на влезот во плоштадот од страна на сообраќајницата на пресекот на „Булевар Туристичка“ и „Јане Сандански“: се реконструираа површините со нанесување на нов слој на плодна земја, се постави систем за наводнување, декоративен камен и се засадија декоративни зимзелени грмушки.
Се формираа зелени појаси околу дрворедот по „Булевар Туристичка“ каде се формираа цветни леи со претходно поставен систем за наводнување на принципот „капка-по-капка“ и поставени се железни огради. Поставени се стилски дрвени жардињери каде се засадени зимзелени борчиња и ниски грмушки околу нив. Околу фонтаната е нанесен плоден слој од земја и засадено е сезонско цвеќе.“– информираат од претпријатието.