Повик за спас на Националниот Парк „Галичица“

Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид SOS ги повикуваат сите граѓани активно да учествуваат на јавната расправа за измени во Планот за управување со Националниот Парк „Галичица“ како би го искажале своето мислење за планираните градежни активности во НП „Галичица“ пред да биде доцна, со цел да го зачуваме природното богатство од уништување.

Националниот Парк „Галичица“, веќе и официјално е во опасност од уништување! Новите измени во Планот за управување со Националниот Парк, кои јавно се изнесени на нивната официјалната веб-страна, подразбираат отстранување на досегашниот степен на заштита на најранливите подрачја на оваа планина со цел изградба на Ски-центар, експресен пат широк 14 метри и туристичко-развојна зона во Отешево, Стење и Љубаништа.

„Ваквиот мегаломански потфат би подразбирал целосно уништување на шареноликоста на оваа природна убавина, која токму и произлегува од специфичниот склоп на ендемични и автохтони видови, особени оние во жариштето на нејзиниот биодиверзитет. 

Вкупната површина на предлог проектот се протега на 324,62ха, од кои 310,46ха се заштитена површина на Националниот парк. Ова значи незаконска и неприфатлива промена во зоните на заштита во Националниот парк (за проектот да може да се имплементира треба да се симне нивото на заштита на одредени зони!). Постои огромен ризик изградбата на патот да ги наруши подземните водени текови кои го напојуваат Студенчишкото Блато, што може да значи уништување на блатото, а доколку се уништи блатото, во многу скоро време ќе се уништи и езерото.“- велат оттаму.

galicica

Додавват дека експресниот пат не е економски одржливо решение, бидејќи по него не смее да се движат пешаци и велосипедисти.

„Ова ќе го наруши природното движење на авантуристите кои сега може да стигнат до планината директно од сместувачките капацитети. Патот ќе создаде вештачка бариера и ќе ги одврати ваквите туристи да го посетуваат Охрид за да практикуваат ваков тип на туризам, кој е најисплатливата туристичка алтернатива бидејќи трае во текот на целата година и не е ограничена на одредено годишно време. Од големо разочарување е тоа што ова се случува во екот на развојот на алтернативниот туризам во овој регион. Неодамна, тука беа пронајдени и нови пештери и стана атрактивен спелеолошкиот туризам.“– велат од Граѓанска иницијатива Охрид SOS.

Охрид ЅОЅ ги повикува сите загрижени граѓани да учествуваат на Јавната расправа која ќе се одржи на 11-ти Септември (Петок) со почеток во 12:00 часот во просториите на ЈУНП „Галичица“ во Охрид. На расправата ќе се дебатира деградирањето на зоните во паркот со цел имплементација на гореспоменатите мегаломански проекти. 

Планината Галичица во која се наоѓа Националниот Парк Галичица е интегрален дел од екосистемот на Охридското Езеро и е дефиниран како исклучително важен регион од страна на Унијата за заштита на природата (IUCN) и затоа заштитен со закон уште од 1958 година.

Parnassius_apollo-butterfly

Ливадите на Галичица се дом на 1.644 видови на пеперутки и 800 видови флора со висока биолошка вредност. Најубавата пеперутка на Балканот – Parnassius Apollo macedonicus може да се најде токму во националниот парк Галичица. Поради својата исклучителна биолошка разновидност со меѓународно значење во 2014 г. НП Галичица стана дел од Светската мрежа на биосферни резервати на УНЕСКО – во светот постои само 31 ваков прекуграничен биосферен резерват.

galicica1