Конкурс за млади уметници 2015

Агенцијата за млади и спорт објавува Конкурс за изложбата Young art 2015 на која Агенцијата ги повикува сите млади визуелни уметници и групи да поднесат свои авторски дела, согласно со утврдените критериуми, кои ги содржат следниве точки:

1. Авторите да се на возраст од 15 до 29 години

2. Доставените дела да се од следниве дисциплини:

· Сликарство (со димензии не поголеми од 200х200 см)

· Скулптура (со димензии не поголеми од 200х200×200 см)

· Графика (со димензии не поголеми 100х70)

· Графички дизајн (плакат)

· Фотографија (со димензии не поголеми од 100х70 см)

3. Делата треба да кореспондираат со современите ликовни практики, а тематските и идејните содржини се отворени и се поврзани со рецентното индивидуално творештво на авторите од последните две години. Делата треба да имаат изразен индивидуален, ликовен и креативен ракопис.

Изложбата се реализира по втор пат, а има за цел да ги поддржи и стимулира младите во продуцирање на современо ликовно творештво, но и да направи пресек на современата ликовна продукција на најмладата генерација визуелни уметници.

Агенцијата за млади и спорт ги охрабрува сите млади автори и групи на возраст од 15 до 29 години, да достават свое дело на конкурсот. Секој кандидат учествува со по едно дело. Изложбата е селективна, а жирито ќе додели по една награда за уметнички достигнувања за петте дисциплини, во износ од 40,000 денари.

Изложбата Young art 2015 ќе биде поставена во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица.

Секој автор своето дело треба да го достави соодветно опремено (без да се гледа неговата сигнатура) заедно со плик во прилог во кој ќе ги има податоците за авторот и делото, а на горниот лев агол треба да стои ознаката „не отворај”, во средината да биде назначена точната адреса на примачот.

Надворешноста на пликот не смее да содржи никакви ознаки за испраќачот.

Во вториот затворен плик треба да има податоци за испраќачот и адресата на која делото ќе биде уредно вратено.

Адресата на која треба да се достават авторските дела е:

Агенција за млади и спорт
Сектор млади
Ул. Френклин Рузвелт бр.34, 1000 Скопје
Со назнака „за Конкурсот Млади уметници “

Или лично, во Архивата на Агенцијата за млади и спорт.

За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на тел. (02) 3113-705, секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот, или во просториите на Агенција за млади и спорт, Сектор млади.

Рокот за доставување на делата е 09.10.2015 година.