Кампањата LIVE YOU GOALS по втор пат организирана во Скопје

Кампањата LIVE YOU GOALS повторно ја обедини играта, забавата и другарството на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Повеќе од двесте девојчиња на возраст од пет до 13 години беа дел од најпрепознатливата иницијатива на ФИФА за развој на женскиот фудбал. Многумина од нив за прв пат ја допреа фудбалската топка, но токму тоа е целта на LIVE YOU GOALS кампањата – поканети се сите кои ја сакаат играта и кои делат правилни спортски вредности.

Настанот го отвори генералниот секретар на Фудбалска Федерација на Македонија, по што на учесниците им се обрати ФИФА инструкторот, Хајди Стоере од Норвешка.

„Денес сте дојдени овде да се забавувате, да запознаете нови другарчиња, и да знаете, во светот имате 30 милиони другарчиња. Толкав е бројот на девојчиња и жени кои играат фудбал во светот. Некои од нив се високи, некои се ниски, некои се млади, некои се стари, но сите имате едно нешто заедничко – сите го сакате фудбалот, и фудбалот ве сака вас! Уживајте и забавувајте се денес. Оние од вас кои се посилни нека внимаваат на послабите, оние кои знаат да играат фудбал нека им помогнат на оние кои за прв пат стапнуваат на фудбалско игралиште. Сите сте добредојдени во прекрасниот свет на фудбалот“. – им кажа на учесниците Хајди Стоере.

На забавата се приклучија и репрезентативките до 19 години кои во моментов играат квалификациски турнир во Скопје.