Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими амбасадорот Нина Суомалаинен, новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.
На средбата, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на македонските власти во повеќе сфери – владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка во области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживотот, во сферата на медиумите и слободата на изразување.
Во тој контекст, македонскиот претседател додаде дека Република Македонија, ќе ја продолжи заедничката работа со ОБСЕ во поддржувањето на реформите во различни области, поттикнати од агендата за европска интеграција на земјата.
Претседателот Иванов ја информираше амбасадорката Суомалаинен, дека за Република Македонија и натаму останува клучниот предизвик да се деблокира статус-кво состојбата во европските и евроатлантските интеграции.
Амбасадорката Суомалаинен, ги истакна нејзините очекувања и приоритети како Шеф на мисијата на ОБСЕ, и го запозна претседателот Иванов со нивните претстојни активности поврзани со изборите и изборниот процес.
На средбата, беше разговарано и за актуелната политичка состојба во земјава, како и за моменталните предизвици поврзани со мигрантската криза.
Воедно, претседателот Иванов, упати честитки до амбасадорот Суомалаинен за нејзиното поставување на должноста, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, посакувајќи и успех во работата.