Министерот Цветков на Форум за земјоделство во Будимпешта

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков од денеска до 25 овој месец ќе учествува на 10. Форум за земјоделство, трговија и економска соработка помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина, што се одржува во Будимпешта, Унгарија.

На Форумот учествуваат министри за земјоделство од 20-тина европски држави и од Кина, како и претставници од унгарски компании, пред кои министерот Цветков ќе ги презентира деловните можности за трговска соработка и инвестирање во земјоделско – прехранбениот сектор во Република Македонија.

Форумот е значаен настан кој прерасна во сериозна платформа за соработка меѓу владите и деловните субјекти од земјоделско – прехранбениот сектор на земјите учеснички и кој претставува одлична можност за споделување искуства и размена на корисни информации за инвестициските можности, потенцијалот за трговска размена и реализација за заеднички иницијативи и проекти.