Гостиварец заработи кривична пријава поради тешка кражба и одземање моторно возило во Струга

Поради постоење основи на сомнение за сторени шест казнени дела „тешка кражба“ и едно дело „одземање моторно возило“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Џ.И. (21) од Гостивар, лице кое се бараше со потерница за издржување казна затвор.

Пријавениот, казнените дела ги сторил во текот на август и септември оваа година во Струга. Тој со употреба на погоден алат и прибор, насилно отворал прозори од куќи и деловни објекти низ Струга. На тој начин но и со кршење на стаклата од влезните врати, успеал да влезе во внатрешноста на една куќа, аптека и магацин за играчки од каде одзел пари, златен накит, мобилни телефони и други вредни предмети.

Во згодна прилика, Џ.И. извршил две кражби на плажа во Струга и една во кафе бар во центарот на градот. Притоа, успеал незабележано да одземе паричници, стекнувајќи се со значителна против-правна имотна корист.

Оперирајќи низ Струга, Џ.И. на паркинг забележал моторно возило кое не било заклучено, а клучевите биле оставени во внатрешноста на автомобилот, влегол во возилото, го стартовал и го користел за свои потреби.

Пријавениот Џ.И. е спроведен во казнено поправната установа Затвор Охрид.