Премиерот Никола Груевски денеска најави зголемување на пензиите и социјалната помош од пет отсто и во 2016 година.
„На последната седница Владата одлучи да поминат законските измени со кои за социјално најзагрозените граѓани, примателите на социјална и постојана парична помош, покрај тоа што оваа година помошта која ја добиваат ја зголемивме за 10 проценти, предвивуваме ново дополнително зголемување за наредната 2016-та година од нови 5 отсто. Истовремено, донесовме одлука и за ново зголемување на пензиите. Оваа година, додека пензионерите ја чекаат исплатата на септемвриската пензија која ја покачивме за 5 проценти, одлучивме тие да имаат ново зголемување од нови 5 проценти за наредната година“, пишува премиерот Груевски на својот фејсбук профил.
Тој додава дека станува збор за две одлуки кои се однесуваат за добробит на многу семејства и граѓани.
„Со ова остваруваме две големи наши ветувања пред граѓаните, со што уште еднаш покажуваме дека за нас дадениот збор е наша обврска, а нашата програма патоказ низ кој се движиме. Продолжуваме да работиме за доброто на сите граѓани и да помагаме секаде каде што можеме“, истакнува премиерот Никола Груевски.