Во сабота ПХВ поетски читања на малиот плоштад кај „Мини маркет“

Во рамките на Националната програма на Црвен крст на Р.Македонија, Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), која веќе 17 години се спроведува во Македонија, младите учат за културата како систем на вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество, и при тоа се поттикнати да бидат активни и да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата.

Секоја година покрај обуката за дисеминација 1200 младинци од цела Македонија на возраст од 13 до 17 години добиваат и обука како да изработуваат мали проекти за добробит на своите заедници. Оваа година, од страна на младинците учесници во ПХВ циклусот 2015, изработени се 192 мали проекти преку кои им е дирекно помогнато на околу 4000 лица.

Имајќи ја предвид Стратегијата 2020 на Црвениот крст на Р. Македонија, во која третата стратешка цел е унапредување на социјалната вклученост и култура на ненасилство и мир, од пред 4 години е воведена нова недела во традиционалниот календар на активности, недела на Промоција на хумани вредности, од 21-27 септември.

Годинава во рамките на одбележувањето на ПХВ неделата Црвен крст Охрид ќе организира ПХВ поетски читања. Младите ќе имаат можност да истражуваат кои поети твореле во нашата средина и истото преку читање на извадоци од нивните дела, да го презентираат пред публиката.

Настанот ќе се реализира на 26-ти септември (сабота) на платото на малиот плоштад-фонтана кај „Мини маркет“ со почеток во 18 часот.

Преку поезијата младинците на Црвен крст Охрид ќе испратат порака за разновидноста на културите и толеранцијата, дијалогот и соработката, взаемната доверба и разбирање кои се меѓу најдобрите гаранции за мирот и соживотот, а сите ние како дел од заедницата во која живееме имаме одговорност да дејствуваме.

PoezijaHranaMuzika2015