Одржан состанок на Советодавното тело

Во Царинската управа денес се одржува редовен состанок на Советодавното тело, формирано во јануари 2009 година со потпишување на Меморандум, помеѓу Царинската управа, Стопанска комора на Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, МАКАМТРАНС – Асоцијација на независни синдикати на камионски транспортери, СИЗ „Македонија сообраќај“ А.М.Е.Р.И.Т и Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори, а во согласност со стандардите на Ревидиранта Кјото Конвенција за зајакнување на соработката со бизнис заедницата,
Оттогаш, на Советодавното тело му се придружија и:

Американската стопанска комора во Република Македонија,

Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер,

Здружението на кожарско преработувачка индустрија и

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ,

а во мај оваа година уште 4 членки:

Унијата на Германски комори за индустрија и трговија – Претставништво Скопје,

Македонско – Бугарската Стопанска комора,

Холандската Стопанска комора и

Стопанската комора на Македонија – Турција.

Целтите на Советодавното тело се:

– разгледување на актуелни прашања и проблеми од делокругот на царинско работење

– предлагање мерки за надминување на отворените прашања и проблеми

– разгледување на мислењата и предлозите на бизнис заедницата во процесот на подготовка на ново царинско законодавство и административни прописи

Преку соработка и партнерство, Советодавното тело создава и развива стратегии, процедури и методи за олеснување на протокот на трговијата, подобра примена на царинските постапки, утврдување на царинската политика, мерки и регулатива согласно заедничките интереси

Покрај тоа, Советодавното тело е активно вклучено во развој на стратегии за обука и едукација од областа на царински постапки, со цел олеснување на трговијата и на транспортот.

Во рамки на активностите на Советодавното тело се организираат кампањи со цел на локално ниво да се промовираат сите новини во царинското работење особено олеснувањата во спроведувањето на царинските постапки, со поттик за нивно почесто користење, но и да се даде можност на сите заинтересирани фирми кои се вклучени во царинските формалности отворено да дискутираат со претставниците на Царината за актуелните прашања со кои се соочуваат во секојдневното работење.

За денешниот состанок се дискутираше по следниот дневен ред:

1. Разгледување на актуелната состојба поврзана со затворањето на српско-хрватската граница. Членките на Советодавното тело eдногласно изразија длабока загриженост од настанатата состојба со ограничување на прометот на македонски стоки и движењето на македонските транспортни средства од и кон Европската унија, посочувајќи ги големите штети кои ги трпат македонските стопански субјекти од настаната состојба, при што беше донесен заклучок Советодавното тело да испрати допис до Делегацијата на ЕУ за преземање активности од нејзина надлежност за итно надминување на настаната состојба.

2. Презентација на новите измени на Царинскиот закон и Законот за акцизи согласно новиот Закон за општата управна постапка и новиот Закон за прекршоци;

3. Презентација на новите измени на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки,

4. Презентација на новото Упатство за поедноставени постапки, донесено со цел еднообразна примена на поедноставените царински постапки, според кое одобренијата ќе се издаваат централизирано, а не од страна на царинарниците како досега.

5. Презентација на досегашните активности на Работна група формирана во Царинската управа за изготвување на предлог за поедноставена евиденција при увоз за облагородување на текстил како и предлог за поедноставување на постапката со отпадот/остатокот по производството кај имателите на одобренија за увоз за облагородување.

6. Разно.