Охридски ракотворби презентирани во Романија

Во организација на Културниот центар “Кармен Силва“ од Синаја, Република Романија, од 11-17-ти септември се одржа меѓународната уметничка работилница – „Културна разновидност без граници во Синаја“. Одличните односи меѓу Охрид и Синаја, резултираа со покана со учество на нашите сограѓанки, Сања Фармакоска и Данче Наумоска, кои се претставија со своите креации во длабока резба и бакрорез.

На работилницата покрај нас учествуваа и уметници со свои рачни изработки од Велика Британија, Турција и домаќините од Синаја. Целата манифестација беше поддржана финансиски од европските фондови, а домаќините се потрудија нашиот престој и презентација на охридските ракотворби да го направат максимално професионално и на највисоко ниво. Интересно беше што за време на изработката на нашите креации, активно учествуваа и ученици од Синаја кои ги учеја тајните на резбата. Имавме можност Охрид и неговото културно богатство да го претставиме на Национален телевизиски канал, а организаторите треба да изготват и документарен видое запис од целата манифестација. Како влог за иднината и продолжување на традицијата на оваа манифестација, уметничките дела кои таму ги изработивме ќе останат како екпонати на постојаната изложба во Културниот центар “Кармен Силва“ – ги пренесува впечатоците од Романија, Сања Фармаковски.

Втората учесничка од Охрид, Ленче Наумоска, ја истакна искрената и топла гостопримливост на домаќините и се надева дека искуствата од Синаја ќе помогнат и во Охрид да се реализира слична културна манифестација.

Сања Фармаковски пред романската јавност се претстави со резба во дрво со ликот на Св.Никола, а Данче Наумоска со релјеф – орнамент од ореолот на Св.Богородица, мотив од црквата Богородица Перивлептос.