Освојувачите на трофеите во двете домашни натпреварувања, победникот на националниот Куп, Работнички и шампионот МЗТ Скопје Аеродром утре во големото финале во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид од 19 и 30 часот ќе атакуваат на првиот трофеј во новата сезона во Мак Баскетот пехарот во Хуавеј Супер Купот.
Работнички вечерва во првото полуфинале со убедливи 79:56 го совлада Кожув и покажа дека иако со подмладен состав може да биде сериозен противник за останатите македонски екипи.
Најефикасни во победничкиот состав беа Стојан Ѓуровски со 17 и Димитар Мираковски со 14 поени. Кај Кожув најдобар беше Брендон Пен со 11 поени.
Во второто полуфинале шампионот МЗТ Скопје го победи вицепрвакот Куманово со 78-75, (25 – 21, 17 – 12, 23 – 21, 13 -21) во меч кој се одлучуваше во последните секунди иако, металците имаа сигурна предност по три одиграни четвртини.
Во последните 10 минути Куманово беше блиску до резулатски пресврт,но на крајот кошаркарите на МЗТ Скопје сепак успеаја да го сочуваат водството и да стигнат до триумф вреден пласман во финалето.
Дреновац со 24 и Дамјан Стојановски со 19 поени беа најефикасните кошаркари кај победникот, во редовите на Куманово повторно најдобар впечаток остави триото Костовски 17, Луковиќ 15 и Мандиќ со 12 постигнати поени.