СВР Охрид ја реализира кампањата „Биди трезен стигни жив“

Со делење сообраќајно едукативен материјал, со доброволно алкотестирање, со доделување црвен или зелен картон и ваучери за бесплатен такси превоз, синоќа Секторот за внатрешни работи Охрид ја реализира превентивната кампања „Биди трезен стигни жив“.

Полициски службеници по доброволното алкотестирање и по констатирано поголемо количество алкохол, дадоа 10 ваучери за бесплатен такси превоз. Кампањата, по претходна согласност од сопствениците беше спроведена во угостителските објекти „Аквариус“ и „Ликвид“.

Целта на кампањата „Вози трезен-стигни жив“ е унапредување на сообраќајната превенција, подигнување на степенот на сообраќајната култура кај возачите на моторни и други возила и подигнување на свеста за штетните и кобни последици од возењето под дејство на алкохол.

Со овие активности, СВР Охрид ја продолжи кампањата што неодамна ја реализира Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид.