Објавена е публикацијата „Природното богатство и вредности на Дрим“, изработена во рамките на заедничките активности за управување со Дримскиот Басен со вклученост на НВО секторот.
Во публикацијата се наведува дека суштинската вредност на сливот на реката Дрим е бесценета – несомнено, е еден од најважните слатководни “жаришта” на биолошката разновидност во Европа.
„Без разлика дали сфаќаме или не, но слатководните екосис заедно со биодиверзитетот и екосистемските услуги што ги обезбедуваат, го одредуваат квалитетот на животот и добросостојбата на луѓето. Ние, како индивидуи можеме да направиме разлика едноставно преку почитувањ на правото дека сите суштества можат да ги користат придобивките од оваа планета и преку превземање на индивидуални или колективни чекори кон заштита на биодиверзитетот на сливот на реката Дрим.“- стои во публикацијата.
Во брошурата посебен дел зазема и Охридското Езеро како едно од трите езера во Дримскиот Басен.
„Oхридско Езеро – едно од неколкуте најстари езера во светот Охридското Езеро е едно од најдлабоките (максимум 280 метри) и најстарите езера во Европа со старост помеѓу 2 и 10 милиони години. Езерото најмногу се полни од подземни води (50%) од неколку карстни извори (75% од изворите кај „Свети Наум“ и 25% Тушемиште) кои се наоѓаат во југоисточниот дел на езерото. Карстните подземни водни тела ја примаат и ја прочистуваат водата од Преспанското Езеро, чие ниво на вода се наоѓа 150 метри повисоко од нивото на Охридското Езеро.Поради големата старост и изолираност од околните планини, во езерото се развиени уникатни растителни и животински видови. Присутни се околу 1200 автохтони видови од кои повеќе од 220 се ендемични“. стои публикацијата.
WebOhrid