Заев: Ја отвораме Визијата за Македонија

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конференицја на која истакна:

„Денеска сме овде за да ја најавиме ВИЗИЈАТА ЗА МАКЕДОНИЈА!

Ја враќаме моќната, стабилна, спокојна и среќна средна класа. Создаваме општество на слободни и еднакви граѓани, во модерна и европска Република Македонија.

Со проектот Вистината за Македонија покажавме и докажавме најдиректно како е уништено достоинството на граѓаните, на институциите на системот, на нашата држава.

Со проектот Визијата за Македонија го враќаме достоинството на граѓаните, на институциите на системот, на државата.

Почнуваме веднаш. Нашата визија за Македонија ја ставаме на јавна расправа во Република Македонија.

Ова се темелите:

– Платите на граѓаните обезбедуваат пристоен живот

– Пензиите обезбедуваат достоинствена старост

– Даноците се помали за сиромашните граѓани, а повисоки за најбогатите

– Социјалната помош ги извлекува корисниците од сиромаштија

– Државата помага развој на домашните претпријатија – тие
отвараат нови работни места

– Земјоделците располагаат со својата земја, за родот обезбедуваме пласман

– Вложуваме во домашни енергетски капцитети за стабилна и поефтина струја

– Градиме модерни патишта за безбеден сообраќај

– Лекарите ги задржуваме во јавното здравство со достоинствени услови за работа

– Граѓаните кои имаат потреба од лекарска помош добиваат квалитетни и брзи услуги

– Наставниците и професорите се почитувани и вреднувани

– Клучно во образованието на учениците и студентите е да научaт, не е оценувањето

– Полицијата ги штити граѓаните, а не власта

– Прва задача на инспекциите е да укажуваат, не да казнуваат

– Живееме во чиста животна средина со современа заштита на воздухот, водата и земјата

– Граѓаните сите основни потреби можат да ги завршат во општините во кои живеат

– Создаваме општество во кое има место за сите

– Граѓаните остануваат да живеат во Македонија и ги враќаме оние кои заминале

– Живееме без притисоци, уцени и закани, во безбедна, демократска, европска Македонија, членка на ЕУ и НАТО

– Владата е сервис на граѓаните!

Вакво општество е можно почитувани граѓани!

Тоа е општество на стабилната и спокојна средна класа која ќе биде двигател и браник на сите економски и демокртаски процеси во државата.

За таа цел, не се потребни ни 100, ниту 1.000 чекори, ниту пак 100.000…

Што е потребно? На темелите што ги соопштив, подигнуваме 5 столбови. И на нив го поставуваме општеството!

Првиот столб обезбедува ОДГОВОРНА ВЛАСТ И КОНТРОЛА НАД ВЛАСТА.

Го враќаме во владение на граѓаните општеството кое е сега киднапирано од мала група луѓе на власт и спречуваме тоа во иднина да се случи.

Вториот столб обезбедува ПРАВЕДНА РАСПРЕДЕЛБА НА ДОХОДОТ И ИЗВЛЕКУВАЊЕ ОД СИРОМАШТИЈА.

Воведуваме промени во даночниот систем и системот на социјални трансфери на принцип на правичност.

Третиот столб обезбедува РАЗВОЈ НА ДОМАШНИТЕ КАПАЦИТЕТИ И ПРИСТОЈНА РАБОТА.

Поставуваме основа за економски развој и за отворање работни места. Приоритет е поддршка на домашните претпријатија.

Четвртиот столб обезбедува ЕВРОПСКА ИДНИНА И КВАЛИТЕТЕН ЖИВОТ.

Градиме општество по европски терк со нова енергија во евро-атлантските интеграции на Македонија.

Петтиот столб обезбедува ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ.

Ставаме крај на изградбата различни колосеци, македонски, албански или какви и да се. Со тоа постигнуваме внатрешна стабилност на државата.

Петте столбови ги креваме истовремено.

Успех во борбата со сиромаштијата не е можен ако не се обезбеди стабилна домашна економија. Развојот на економијата не е можен без добри меѓуетнички односи.

Петте столбови ја обезбедуваат долго бараната, неопходната сигурност во нашите животи.

Ова е накратко нашата визија за Македонија.

Знаеме дека секој има своја визија. Затоа го отвораме процесот на усогласување со граѓаните. Сакаме да ги вкрстиме визиите. Таму каде што во мнозинство ќе се пресретнеме во иста точка, тие мерки ќе бидат дел од Програмата.

Ќе излезете, ќе видите. Првиот пункт е поставен, пред седиштето на СДСМ. Ќе бидат отворени и други, на други места. Секој граѓанин може да дојде и да ја остави својата идеја или да ја сподели неговата визија за Македонија.

Од денеска отвораме и широки дебати, со секој заинтересиран да учествува. Првата дебата е вечерва во Неготино. По секои две дебати низ Македонија, ќе следува централна дебата во Скопје, на иста тема.

Отвораме можност и за on line комуникација, преку интернет, каде што секој може да го каже својот став, коментар, дополнување. За ова дополнително ќе известиме.

Процесот на градење заедничката визија за Македонија е отворен во следните 5 недели. Секое мислење е важно. Секој придонес е драгоцен. Сакаме да слушнеме квалитетна расправа, предлози, критики, сугестии.

Подавам рака, во име на Социјалдемократскиот сојуз, до секој граѓанин – поединец, група, здружение, организација, заедно да ја испланираме обновата на нашата земја.

Програмата со која ќе излеземе пред јавноста, по целиот процес на усогласување ќе биде Програма за граѓаните и од граѓаните на Република Македонија.

Само на овој начин, убедени дека сме на истиот пат, од 24 април, заедно, успешно, ќе ја градиме иднината на државата.

Благодарам за вниманието, во продолжение, од нашиот претседател на Комисијата за економија , Драган Тевдовски, ќе слушнете поконкретно за Првиот столб од Визијата за Македонија.“- истакна Заев.

Zaev1slikaoktomvri Zaev2slikaoktomvri Zaev3slikaoktomvri