Денеска во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи во Идризово заврши обуката за новините во новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата за полициски службеници кои непосредно извршуваат активности од областа на сообраќајот. Обуката беше реализирана со цел што поефикасна и ефективна практична примена на Законот.
Обуката ја реализираа г. Сали Салија, помошник на директорот во Секторот за сообраќајни работи во Министерството за внатрешни работи, м-р Стојче Стаменковски , државен советник во кабинетот на Министерот за внатрешни работи и други претставници од Секторот за сообраќајни работи, кои беа дел од работната група која работеше на изготвување на овој закон.
Како што е познато Собранието на Република Македонија на 28 септември 2015 година го донесе Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кој се воведени бројни новини кои се насочени кон подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во целата држава.