Проектот за самовработување се покажа како успешен и делотворен проект. Преку овој проект државата, во соработка со УНДП, дава 3.000 евра неповратен грант за отворање на бизнис и самовработување на невработените лица.
Самовработувањето дава позитивни резултати и во изминатиот период откога е воведен и функционира придонесе токму преку него да се отворат над 7200 бизниси и најмалку исто толку вработувања на невработените лица.
Владата одлучи и во следната година да се продолжи со овој проект. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев вели дека во 2016 година за реализација на овој проект ќе бидат издвоени нови 207 милиони денари со кои е планирано со неповратни средства да се отворат околу 920 нови бизниси.
„Имајќи ги во предвид позитивните резултати од проектот „Самовработување“, одлучено е тој да продолжи и во 2016 година за којашто цел се определени 207 милиони денари, со кои се планира отворање на 920 нови бизниси. Имајќи во предвид дека искуството покажува дека во дел од овие бизниси се вработуваат и две и три лица, се очекува да бидат вработени преку овој проект околу 1000 лица, што е една линија на стратешкиот приоритет на Владата за реализација на политиката за зголемување на вработувањето“, вели Ѓорѓиев.
Предвидено е овие 207 милиони денари во 2016 година да бидат доделени во два циклуса, односно преку објавување на два отворени огласи од кои првиот се очекува да биде распишан веќе на почетокот на 2016 година, а вториот оглас кон средината на 2016 година.
И оваа година од проектот самовработување се очекуваат да се реализираат најмалку 1000 нови вработувања. Во првата половина на годината веќе 500 лица кои ги исполнија условите беа определени да добијат државна помош и да отворат бизнис и веќе започнаа со функцонирање на бизнисите.
Веќе наредната недела, преостанатите 400 лица кои беа избрани во вториот циклус и кои добија помош ќе ги добијат и сертификатите за завршена обука. Во меѓувреме, овие лица ги отвораат своите фирми, набавуваат опрема и се подготвуваат за започнување со бизнисот а државата по финиширање на сите приоцедури ќе им ги префрли добиените средства.
Фирмите кои се отвораат преку овој проект може да ги користат и останатите владини мерки, пред се проектот „Македонија вработува“ преку кои државата ги ослободува работодавачите од плаќање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување и персонален данок за вработување на одредени категории на лица.