Нов пораз за МЗТ Скопје, овој пат од Мега Лекс

Нов пораз за кошаркарите на македонскиот шампион МЗТ Скопје А. во регионалната АБА лига. Во 4 коло металците се поразени од српскиот прволигаш Мега Лекс со 82-70.

Сино белите од Аеродром одиграа уште еден резултатски неверојатен меч. Избраниците на Пипан иако во 11 минута имаа убедлива предност од цели 20 кошеви, на крајот сепак на одличниот тим на Мега Лекс предводен од нашиот репрезентативен центар Предраг Самарџиски мораа да му го честитаат заслужениот триумф.

Слабата одбрана во последните три четвртини и големиот број на грешки беа клучниот фактот за третиот пораз на МЗТ Скопје во четвртиот натпревар во регионалната лига.

Кошаркарите на македонскиот првак одиграа маестрална прва четвртина која ја добија со резулат од 26-8, и лоши преостанати три делници.

Вечерва кобен за МЗТ Скопје беше нивниот поранешен кошаркар репрезентативецот Предраг Самарџиски со дабл-дабл учинок од 22 поени и 10 скока, за 28 минути игра.

Во редовите на МЗТ Скопје најефикасни беа Луковиќ и Љубичиќ со по 16 поени, еден поен помалку постигна Ѓорѓе Дреновац.