Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание во Р. Македонија упати честитка до охриѓани и до останатите граѓани во државава.
„11 Октомври, Денот на народното востание е датум којшто е длабоко втемелен во нашата колективна свест, како празник на нашата држава и нација . На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание, на сите херои кои беспоштедно ги дадоа своите животи за остварување на една возвишена цел – слободата. Денеска, прославувајќи го 11 Октомври, го прославуваме нивното големо дело. После макотрпни борби, македонскиот народ успеа на слободен и демократски начин да ги постави темелите на сопствената државност и сувереност. Наша обврска е да го чуваме она за што нашите предци го дадоа својот живот и да продолжиме да го даваме својот придонес во нашите заеднички заложби за зачувување на основните вредности на кои е втемелено нашето општество – соживот, меѓусебно разбирање и почитување помеѓу сите граѓани на Република Македонија. Македонскиот народ преку овој празник на најдобар можен начин го докажува државотворниот капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава.
Овој ден е потврда дека македонските граѓани знаеле и знаат да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата и да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја.
На овој голем празник уште еднаш да се потсетиме дека Македонија, била, е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата.
Нека ни е честит и вековит празникот. Да живее слободна, самостојна и суверена Република Македонија“ – стои во честитката на градоначалникот Бакрачески по повод 11 Октомври- Денот на народното востание.