Делегација на Собранието учествуваше на 61. сесија на ПС на НАТО

Павле Трајанов и Горан Сугарески, членови на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, учествуваа во 61. сесија на ПС на НАТО, што се одржа од 9 до 12 октомври во Ставангер, Кралството Норвешка. Во постојана придружба на делегацијата беше амбасадорот на Република Македонија во НАТО, Зоран Дабиќ.

На сесијата учествуваа 243 делегати од 28. земји-членки на НАТО и 23 асоцијативни и земји-набљудувачи.

Во текот на работата се зборуваше за меѓународната безбедносна ситуација. Со неколку усвоени резолуции, ПС на НАТО ги повика лидерите на земјите-членки да ги зголемат напорите против руската пропаганда, да ја зголемат поддршката за украинската влада и да ги одржат економските санкции кон Москва, сè додека не се согласи со меѓународните обврски.

Сесијата на ПС на НАТО во Ставангер го прегледа прогресот на усогласувањето на НАТО одбранбените политики во светлото на новите предизвици, и оставањето на отворена врата за нови членови.

Црна Гора се надева дека ќе добие препорака за членство од министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во декември, што би довело до формална покана да стане 29. членка на следниот Самит во Варшава.

Освен поддршката за амбициите на Црна Гора, беше усвоена резолуција со која се реафирмира „полна и континуирана поддршка за НАТО зголемување“ вклучувајќи ги аспирациите за членство на Босна и Херцеговина, Грузија и Македонија.

Беше потенцирана важноста на политиката на „отворена врата“, истовремено барајќи од земјите аспиранти да ги реализираат потребните реформи и да ги надминат отворените прашања.

На маргините на сесијата делегацијата имаше кратка средба со премиерот на Кралството Норвешка, Ерна Солберг.

Sugareski-i-Trajanov-1