Mакедонската литература ќе биде претставена на Саемот во Франкфурт

Над 1.400 книги на речиси сите издавачи во Македонија и публикации на национални установи ќе бидат изложени на претстојниот Саем на книгата во Франкфурт, на специјално подготвен штанд под мотото „Куќа на зборови, куќа на светови“. Втора година по ред комесар на претставувањето е Здружението на издавачи и книжари на Македнија (ЗИКМ) со поддршка од Министерството за култура.

На најголемата книжевна саемска манифестација и центар на издавачката индустрија во светот, в сабота, 17 октомври, ќе биде организиран и национален ден, насловен „Дожд од зборови“, на кој ќе бидат претставени четворица македонски автори, добитници на домашни и меѓународни награди – Митко Маџунков, Венко Андоновски, Блаже Миневски и Кица Колбе.

За нивното творештво ќе зборува Бенјамин Лангер, македонист и професор на Универзитетот во Берлин. Извадоци од творештвото на четворицата автори се застапени во каталог кој ќе биде достапен и во електронска форма. На штандот ќе има и реплики, сувенири, артефакти и други содржини кои ја илустрираат македонската културна традиција, а сето тоа под препознатливиот бренд „Македонија вечна“.

„Присуството на Република Македонија на оваа саемска манифестација, која има веќе 66-годишна традиција, е од исклучителна важност за презентацијата и промоцијата на македонската литература, македонските автори и издавачи во меѓународни рамки. И оваа година го прифативме концептот на Саемот на книгата во Франкфурт да бидат претставени вредни изданија, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции кои ја претставуваат Република Македонија, нејзиното богато културно наследство и туристичките потенцијали“ – рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција.

На франкфуртскиот саем, на кој секоја година во октомври учествуваат над седум илјади издавачи од светот, на штандот на Република Македонија ќе биде презентирана и едицијата „135 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик, која е еден од капиталните проекти на Владата и на Министерството за култура. Ќе биде презентиран и Конкурсот за превод на дела на македонски автори од странски издавачки куќи, за кој имало интерес на минатогодишниот саем во Франкфурт.

Претседателот на ЗИКМ Горјан Лазаревски истакна дека присуството на РМ на овој меѓународен настан е исклучително важно затоа што, како што рече, саемот е убава можност нашите автори да го промовираат своето творештво пред целиот свет.

„Ме радува што меѓу изданијата кои ќе ги презентираме на саемот се особено вредни публикации на институциите од областа на културата и на сите позначајни издавачи, не само членови на ЗИКМ. Наша цел е целокупна промоција на книжевниот опус кој се создава кај нас, со акцент на најзначајните македонски автори на денешницата. Македонија има што да понуди и на долг рок треба заеднички да работиме на изнаоѓање што поубедлив модел за континуирано присуство на македонската литература и култура насекаде во светот“ – рече Лазаревски.

Маџунков, Андоновски и Миневски сметаат дека организираното претставување на РМ на Саемот на книгата во Франкфурт е од државен интерес затоа што литературата и воопшто културата е значаен сегмент од меѓународната афирмација на земјата.

Според Маџунков, имаме квалитетни автори, но светот не знае за нив. Тој смета дека треба да се изберат најрепрезентативните писатели од Македонија кои, како што рече, агресивно и подготвено ќе му се претстават на светот, но, нагласи, за таа цел најважен е квалитетен превод на нивните дела.

Миневски рече дека учеството на РМ на Саемот на книгата во Франкфурт станува редовно, па во иднина треба да се работи на отворање можности за контакти на македонските автори со литературните агенти, затоа што франфуртскиот саем е, пред се, саем каде што се договараат и продаваат авторските права за превод.

Андоновски рече дека е добро што е направен првичниот чекор – втемелена е свеста дека треба да се присуствува на овој важен настан и тоа на систематски начин.

„Имаме видлив напредок, Министерството за култура значително ги раздвижи работите и води грижа за писателската фела. Имаме писатели кои се рамо до рамо со светските, меѓутоа немаме преводи, а императивот тука е – добар превод“ – рече Андоновски.

Со поддршка од Министерството за култура, преку Годишната програма, до крајот на годинава литературата од Македонија ќе биде претставена и на саемите во Истанбул и во Софија.