Можности за вработување и во Струга: Стружани во потрага по нови работни места

Финансиската состојба на граѓаните се здобива со градација на позитивен тренд на раст, благодарејќи на новиот караван за саеми за вработување низ Македонија, кој на 30-ти септември започна во Прилеп, по реализираниот успешен прв караван кој за прв пат од тој вид се претстави на македонската јавност минатата година.

Илјадници граѓани пронајдоа шанса за нови работни места, со подобри услови кои се поклопуваат со очекувањата на активните баратели на работа. Саемите за вработување се уникатен вид на барање на нови соодветни кадри и за работодавачите низ државата, кои сакаат да го зголемат квалитетот на своите услуги во своите компании и организации, а со тоа автоматски да го зацврстат конкурентното место на успех во индустријата во која дејствуваат.

Како трета дестинација во рамки на вториот караван, е градот Струга, каде Саемот за Вработување 2015 ќе се одржи утре, 14.10.2015 (среда), со почеток во 11:00 часот и ќе биде отворен за посетители сè до 14:00 часот.

Место на одржување на овој саем е Домот на култура „Браќа Миладиновци” во Струга.

На свеченото отварање на новиот караван за саемите за вработување, свое обраќање ќе имаат Влатко Поповски, Директорот на Агенција за Вработување на Република Македонија, Градоначалникот на Струга, Зијадин Села како и Диме Спасов, Министер за труд и социјална политика на Република Македонија.