Кампања „Помислете и на нас“ по повод Денот на гладта и Недела на борба против гладта

По повод Денот на гладта, 16-ти октомври и Недела на борба против гладта (16-22 октомври), под мотото „Помислете и на нас“ Црвен крст Охрид спроведува кампања за помош на најсиромашните наши сограѓани.

Активностите се насочени кон прибирање на финансиски средства преку продажба на вредносни бонови и прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехрамбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид.

Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 октомври, во поголемите маркети ќе бидат поставени видно обелечени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да ставаат-донираат прехрамбени производи кои не се лесно расипливи).

„Гладта е најекстремна форма на сиромаштија каде поединецот или семејството не се во состојба да ги задоволат основните потреби за храна. Иако храната е основното човеково право, сепак стотици милиони луѓе ширум светот секојдневно гладуваат, а секои 3,6 секунди некој умира од глад. Гладни и сиромашни има и во нашата земја и во нашиот град. Сето ова е причина повеќе, барем повремено да помислиме и да направиме нешто за оние на кои им треба подадена рака за будење на надеж дека не се сами, дека некој мисли на нив. Барем за миг да ја вратиме насмевката на нивните тажни лица.“– велат од охридскиот Црвен крст.

Оттаму упатуваат апел до нашите сограѓани, фирми, институции, согласно своите можности, да се вклучат во хуманитарната собирна акција на Црвен крст Охрид, во Неделата на борба против гладта и дадат свој придонес во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.

Свое учество и конкретна помош во реализација на кампањата за Денот на гладта најавија Општина Охрид, Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, Лајонс клубот Десарети, Лајонс клубот Охрид, хотел Силекс, кафе бар Шила и голем број на маркети.