Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, автобуски гуми, оптички нишани за пушки, бижутерија, разни употребувани и нови производи и фалсификати. Задржана е следната стока:
Девизи
– 27.000 швајцарски франци, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики при контрола на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих. Кај патникот се пронајдени 37.800 швајцарски франци, од кои согласно законските прописи на патникот му се вратени 10.800 швајцарски франци (противвредност на 10.000 евра), износ што може слободно да се внесе во државата.
– 7.000 евра, откриени при личен претрес и контрола на патната торба на македонски државјанин, патник во македонски автобус, што сообраќал на релација Скопје – Дортмунд, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во џебот од тренерката на патникот се пронајдени 11.000 евра, а во неговата патна торба уште 3.000 евра. На патникот му се вратени 7.000 евра бидејќи за нив поседувал документ за потекло.
– 6.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Ќафасан. Патникот пријавил дека со себе носи 3.700 евра за кои не поседувал документ за потекло, но при извршената контрола, во мала рачна чанта се пронајдени 9.700 евра. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за остатокот од пријавените девизи во износ од 1.700 евра, му било наложено да ги врати во Република Македонија.
Против прекршителите во трите случаи се поведени прекршочни постапки.
Гуми за автобуси
– 4 репарирани автобуски гуми (CONTINENTAL – H 315/80R22.5, FIRESTONE AS-3000 12R22.5, PIRELLI – TW-01 225/75R17.5 и SEMPERIT TRANS-STEEL 215/75R17.5), откриени при контрола на македонски автобус, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Гумите што се пронајдени во багажниот простор на автобусот, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
Останато
– 40 оптички нишани за пушка, откриени при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.
Оптичките нишани се пронајдени во црна кеса сместена во просторот за резервна гума, во багажникот на возилото.
– 7 употребувани и нови производи (справи за вежбање – велосипеди, машина за перење алишта, телевизор, греалка, правосмукалка и дигитален сеф), откриени при контрола на стока со потекло од Австралија, наменета за физичко лице од Берово, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 3.
Непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителите се покренати прекршочни постапки.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост
– 165 блузи и 82 паричници со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на турски камион, натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Косово. Камионот се пријавил за влез во државата на граничниот премин Дојран. Пазарната вредност на стоката е проценета на околу 2 милиони денари, доколку би се продавала како оригинална.
-350 парчиња накит-бижутерија (синџирчиња, нараквици и приврзоци) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Скопје-Велес. Накитот, чија пазарна вредност е проценета на над 280 илјади денари, е пронајден во багажникот на возилото.
Во двата случаи стоката е привремено задржана поради основано сомневање дека претставува фалсификат на заштитени трговски марки и согласно законските одредби ќе бидат започнати постапки за утврдување на оригиналноста на истата.