Горан Пандев се враќа во репрезентацијата на Македонија

Најдобриот фудбалер на Македонија Горан Пандев се враќа во А репрезентација на Македонија.
Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски денеска во Џенова оствари средба со Горан Пандев на која беше потврдено дека „Ил гранде Мачедоне“ повторно ќе биде предводник на нашата селекција. Горан Пандев ќе пристигне во Македонија во пресрет на пријателскиот натпревар против Црна Гора, а во функција на А репрезентацијата целосно ќе се стави по двата контролни натпревари на 12. и 17. ноември.

„Среќен сум што повторно ќе бидам дел од репрезентацијата на Македонија. Разговаравме со новиот селектор и подготвен сум да се вратам во националниот тим. Помина долго време од мојот последен настап за Македонија и искрено воопшто не ми беше сеедно. Напротив, тешко ги поднесував сите случувања поврзани со репрезентацијата, но тоа е период кој е зад нас. Сега имаме сосема друга цел. Да се обединиме и да се обидеме да бидеме успешни. На секоја репрезентацијата и треба поддршка, верувам дека заеднички ќе успееме да ја подигнеме мотивираноста и квалитетот“, изјави Горан Пандев.