Годишна конференција на Македонската асоцијација за управување со отпад

Првиот чекор кон подобрување на состојбата со проблематичното и несоодветно управување со цврст отпад во Македонија е во размената на искуствата со земјите членики на ЕУ, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири во обраќањето на Годишната конференција на Македонската асоцијација за управување со отпад МаСВА на тема „Користење на отпад како инвестициска можност во Македонија“.

„Одржувањето чиста и здрава животна средина е одговорност на сите. Од таа причина, и јас како прв човек на МЖСПП соработувам со сите вклучени носители на одлуки, како министерства, општини, со бизнис заедницата, а се со цел успешна имплементација на политиките за управување со отпадот во Република Македонија“, рече Изаири и додаде дека активностите за спроведување на политиките ќе придонесат кон подобрување на стандардите за управување со отпадот во Македонија.

Според него, ќе бидат потребни и значителни инвестиции. Затоа, вели, потребно е одржување на конференции и работилници каде ќе се изнајдат можности за искористување на отпадот, како ресурс и можност за одржлива инвестиција.

На новинарско прашање за дивите депонии во Македонија, министерот Изаири рече дека се започнати проекти со средства од ИПА фондовите во источниот и североситочниот регион на Македонија во кои е предвидено затворања на дивите депонии и осовремување на јавните комунални претпријатија за поефикасно справување со проблемите околу отпадот.

Претседателката на МаСВА Даниела Нелепа истакна дека во Македонија има благ пораст на отпадот. Според неа, јавно-приватните партнерстава се првите кои треба да ги спроведат решенијата за рециклирањето на отпадот, како што е стаклото, кожата , гуми…

„Македонија треба да ги погледне крајните решенија, дали ќе го раздвојува сувиот, органскиот или друг отпад, дури потоа ќе може да го најдете вашиот систем на одвојување. Не можете да го одвојувате отпадот без да ги знаете карајните решенија“, препорача Доран Сафин од Израел, член на Меѓународната организација за цврст отпад.

Појасни дека тие во Израел имаат парк за рециклирање при што имаат повеќе решенија за преработка на отпадот.

„Имаме простории каде што се рециклира и сувиот и влажниот отпад. Имаме голем објект за користење на отпадот за електрична енергија, а тоа го спроведуваат вработените односно одделенијата кои се задолжени за тоа да го направат на најефикасен начин да го искористат отпадот“, додаде Сафин.

На конференцијата присуствуваа 14 странски експерти од областа, но и домашни и меѓународни научници, бизнисмени и претставници на локалните власти од земјите членки на ЕУ, кои во рамки на трите конференциски сесии, ги изнесоа своите гледишта за најновите научни и технолошки достигнувања во доменот на управување со отпад.