Градоначалникот Бакрачески на прием кај израелскиот премиер Нетанјаху

Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, во рамки на Интернационалната конференција на главни градови што се одржува во Израел, имаше прием во кабинетот на Премиерот Бенјамин Нетанјаху, а оствари средба и работна вечера со градоначалникот на Ерусалим, Нир Баркат. Меѓу другото беше остварена и работна средба со менаџментот на врвниот институт за срце кој е дел од најголемата болница во Ерусалим – Хадеса еин Карем.

Во рамките на интернационалната конференцијата на градоначалници во Израел, градоначалникот Никола Бакрачески беше во посета и работен ручек на израелското министерство за надворешни работи каде домаќин беше заменик министерот Ципи Хотовели, а веднаш потоа оствари работна средба со Израелскиот амбасадор во Македонија,  Дан Ориан.

Градоначалникот Бакрачески имаше прием во кабинетот на Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој ја поздрави конференцијата и изрази надеж за идна успешна соработка меѓу различните градови од различни држави.

Вечерта градоначалникот на Охрид се сретна со градоначалникот на Ерусалим Нир Баркат при што беа прецизирани концепти за идна заедничка соработка.

Во рамки на посета во Ерусалим, Бакрачески имаше работна средба со менаџментот на најголемата болницата во Израел, Хадеса – еин Карем во Ерусалим, каде беа договорени модели за соработка со Заводот за Кардиоваскуларни Заболувања во Охрид, особено во делот на интервентната Кардиологија.