Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ со активности на неколку локации во градот

Екипите на „Паркови и зеленило“ при ЈП „Охридски Комуналец“ оваа недела вршат тековно одржување на зелениот појас помеѓу двата коловози вдолж улицата „Железничка“.

„Бетонската жардињера се расчистува од ниската дива вегетација, се отстрануваат оштетените садници, а на местата каде се украдени садници се засадуваат нови. Зелената ограда од пироканта и котонастер се поткаструва и соодветно се оформува. Овие активности се одвиваат координирано со „Јавна хигиена“ кои темелно ја метат оваа сообраќајница и околниот простор.“ – информираат од претпријатието.

Во дворот на Локалната самоуправа засадени се цветни садници од видот хризантема (народски-митровденки) кои се карактеристични во доцниот есенски период.

„Со ова есенско цвеќе кое го има во различен колорит ќе се украсат и кружните сообраќајници по „Булевар Туристичка“.“- велат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека следуваат планираните активности со кои во парковските површини во градот ќе се засади зимската цветна реколта од видот виола-очиња.