Охрид домаќин на заедничкиот консултативен комитет помеѓу ЕУ и Република Македонија

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, во улога на домаќин ги поздрави учесниците на „Заедничкиот консултативен комитет помеѓу ЕУ и Република Македонија“ што денес се одржува во Охрид а во организација на Регионалниот комитет на Европската Унија и Заедницата на Единиците на Локална Самоуправа (ЗЕЛС).

„Ми причинува особено задоволство што 12 средба на Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Европскиот комитет на региони и Република Македонија се одржува во Охрид. Убеден сум дека ние ќе бидеме добри домаќини, а благопријатноста на Охрид позитивно ќе влијае врз успешната работа на исклучително важните теми што денес ќе бидат разгледани на работните сесии.Верувам дека искуствата и знаењата од европските земји во пренесувањето на надлежностите на локално ниво и надградбата во процесот на фискалната децентрализација, ќе бидат од суштинско значење за градоначалниците во Република Македонија во практикувањето на локалната власт.Исто така, убеден сум дека овој процес, започнат како иницијатива на локалните власти во 2008 година, својата мисија ќе ја заврши со целосно интегрирање на Република Македонија во ЕУ, а успешно може да помогне во надминувањето на актуелни проблеми“ – истакна Бакрачески.

Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, во улога на ко- претседавач на Заедничкиот консултативен комитет заблагодарувајќи се на општина Охрид за логистичката поддршка околу реализација на средбата, истакна дека локалните финансии се главна тема на дискусија на овој работен состанок.

„Верувам дека секоја општина во Светот и секој општински избран советник сака да разменува искуства токму на оваа тема. Ние состојбите во Македонија добро ги знаеме, но сакаме да слушнеме што се случува во Европската Унија и како вашите општини се справуваат со вечната тема- немање пари“ – истакна Коневски.

Градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски ,кој е и претседател на ЗЕЛС се осврна на важноста од децентрализација на власта и на значењето и улогата на ЗЕЛС.

„Заедно ,сплотени во нашата асоцијација ЗЕЛС, се обидуваме во преговори со централните власти и Парламентот на Р. Македонија , да добиеме повеќе финансиски ресурси , да добиеме дополнителна надлежност или да исправиме некаква неправилност во законските решенија. Сето тоа, пак ќе повторам, за подобар и полесен живот на граѓаните. Некои од вас сигурно се информирани дека Република Македонија е првата држава во Европа , а втора во Светот , која целосно ја електронизира постапката за добивање градежни дозволи. Софтверот и хардверот, како и грижата за овој систем е во рацете на ЗЕЛС а целата приказна е многу успешна веќе две и пол години“ – рече Трајановски.

Градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски, подвлече дека во сите општини во Република Македонија има напредок во однос на градење и подобрување на инфраструктурата.

„Изградбата и поправката на улици , градење на водоводи, поставување на енергетско ефикасно осветлување во урбаните и рурални средини во општините е општа одлика во изминатиов период , со што верувам дека би се согласиле сите присутни градоначалници. За тоа да го овозможиме на нашите граѓани работиме напорно во обезбедување финансиски средства. Најчесто, тоа го правиме со подобрување на наплатата на локалните даноци, продажба на градежно земјиште и воспоставување на други механизми за обезбедување дополнителни приходи на општината“ – рече Стрезовски.

Пред присутнте на „Заедничкиот консултативен комитет“ помеѓу ЕУ и Република Македонија што годинава се одржува по 12 пат, свое обраќање имаа и Заменик министерот за локална самоуправа на Р. Македонија, Љупчо Пренџов, ко- претседавачот на ЗКК од Белгија, Жан Франсоа Истасе, градоначалниците на Гевгелија и општина Боговиње, Иван Франгов, и Хазби Идризи.