Промовиран новиот GS1 каталог за брз пристап до матичните податоци за производите

Компаниите и надлежните институции заеднички да креираат регистар на македонските производи по светски стандарди. Тоа ќе овозможи поголема конкурентност, додадена вредност, сигурен пласман на домашниот и странските пазари, промоција, видливост, следливост, заштита на брендот…

Ова е пораката од презентацијата на комплетно редизајнираниот GS 1 каталог на која беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и GS 1 Македонија. GS (Глобал стандард) 1 каталогот е алатка која овозможува брз и едноставен пристап до матичните податоци за производите. Моментно брои 2.500 македонски производи на повеќе од 230 компании. Пребарувањето може да се врши по 17 критериуми со 64 атрибути групирани во осум категории.

„Воспоставувањето на ваквиот софистициран систем за следливост на храната е од исклучителна важност за сите фактори – производителите, преработувачите, дистрибутерите, трговците и потрошувачите. Тоа е основа и за зголемување на конкурентноста на компаниите вклучени во бизнисот со храна не само на домашниот, туку и на странските пазари каде што исто така безбедноста на храната и на храната за животни е врвен приоритет“, истакна директорот на АХВ Зоран Поповски пред потпишувањето на Меморандумот.

Преку промовирање на меѓусебната соработка и координација во врска со сите прашања кои се од заеднички интерес и официјализирањето на соработката ќе се обезбедуваат податоци кои се од заеднички интерес за Агенцијата за храна и ветеринарство и ГСИ Македонија, а се во функција на безбедноста на храната. GS1 стандардот, додаде тој, ги следи врвните безбедносни системи за храната и претставува алатка во која се имплементирани новите правила поврзани со информациите за храната кои сега се сублимирани во GS1 Каталогот кој денес го промовираме.

„Единствена ни е целта, на Агенцијата за храна и ветеринарство како орган на државната управа, на бизнис заедницата и Вам како компанија која го развивате овој софистициран систем – Заеднички да изградиме регистар на македонски производи по светски GS1 стандарди. Затоа, од исклучителна важност е новиот GS1 Каталог. Тој е ефикасна бизнис алатка која има двојна улога – промоција на македонските производи и зголемување на нивната конкурентност. Важноста на GS1 Каталогот стана уште поголема со неговото усогласување со новиот Правилник за информациите поврзано со храната кој Агенцијата за храна и ветеринарство го објави минатиот месец, но и со ЕУ регулативата 1169/2011“ – зклучи директорот Поповски.

Како што потенцира претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, GS 1 каталогот треба да стане единствен доверлив извор на информации за производите со македонски бар код и во иднина да се поврзе и да биде дел од глобалната мрежа.

„Неопходно е процесот на модернизација на производството адекватно да се следи и со современа технологија за размена на информации и податоци за производите. Тоа е клуч на успех за секоја компанија и треба да биде визија за нејзин развој. GS 1 каталогот е токму таква модерна технолошка алатка преку која нашите фирми може да ги промовираат своите производи“, рече Азески, додавајќи дека за една година од систем само за промоција на производите, GS 1 полека прераснува во платформа за развој на електронската трговија.

Според претседателот на Управниот одбор на GS 1 Македонија Симон Наумоски, новите технологии се тренд на богатите економии кои треба да се прифаќаат доколку сакаме да изградиме постабилна економија.

„GS 1 системот е единствен меѓународен и мултисекторски за идентификација на производи и услуги, стандард кој овозможува продуктивно и сигурно движење на производите, услугите и податоците низ дистрибутивниот синџир“, посочи Наумоски.

GS 1 Македонија е членка на Меѓународната GS 1 организација чиј приоритет е развивање платформа од синхронизирани 30 лиценцирани каталози со преку 15 милиони производи од над еден милион компании, преку која се врши и електронска трговија. GS1 каталогот и овозможува на Македонија приклучок во оваа област, како и пристап на сите нејзини членки во глобалната GS 1 мрежа.

gs2